Американскиот државен секретар Ентони Блинкен се состана со официјални лица во Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, а потоа заминува за Израел, додека се залага за поголема хуманитарна помош за Газа, заштита на цивилите и да се осигура дека конфликтот нема да се прошири во другите делови на регионот.
Во разговорите со лидерот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед, Стејт департментот рече дека Блинкен „ја истакнал важноста за спречување на понатамошно ширење на конфликтот и ја истакнал континуираната посветеност на САД за обезбедување траен регионален мир кој ја обезбедува безбедноста на Израел и го унапредува формирањето на независна палестинска држава”.
Во Саудиска Арабија, Блинкен има закажани разговори со престолонаследникот Мохамед бин Салман.
На состаноците во неделата со јорданскиот крал Абдула Втори и катарскиот емир Шеик Тамим бин Хамад Ал Тани, највисокиот американски дипломат зборуваше за потребата Израел да ги спречи цивилните жртви за време на војната меѓу Израел и Хамас во Газа и значително да го зголеми износот на хуманитарна помош што стигнува до гладните Палестинците во Газа.
Но, САД продолжија да го поддржуваат Израел во одбивањето на арапските барања за прекин на огнот за запирање на борбите во тримесечната војна. Израел вети дека ќе ја продолжи војната додека не поверува дека заканата од идни напади на Хамас не е искоренета и милитантната група повеќе не ја контролира Газа, тесната територија долж Средоземното Море.
Јорданскиот кралски двор рече дека кралот Абдула „предупредил на катастрофалните последици“ од израелската војна во Газа против Хамас, а истовремено ги повикал САД да извршат притисок за итен прекин на огнот. Израелските и американските власти рекоа дека веруваат дека прекинот на огнот само ќе му овозможи на Хамас да може да се прегрупира во својата борба против израелските сили.
За време на престојот во Аман, Блинкен посети и складиште на Светската програма за храна каде што камионите се натоварени со помош за гладните Палестинци во Газа.
„Напорите токму овде да се соберат и дистрибуираат храна на луѓето на кои им е потребна се апсолутно неопходни“, рече Блинкен.
„САД работеа од првиот ден за да ги отворат пристапните правци во Газа“, додаде тој.
„Продолжуваме да работиме на тоа секој ден, не само за да ги отвориме, туку и да ги умножиме, да ги максимизираме и да се обидеме да добиеме поголема помош, поефективно“, рече Блинкен.
„Решени сме да направиме се што можеме за да ја подобриме ситуацијата за мажите, жените и децата во Газа“, додаде американскиот државен секретар.
Соединетите Држави повикаа на траен мир и безбедност и за Израелците и за Палестинците. Ова вклучува постигнување на палестинските политички права - особено формирање на палестинска држава со безбедносни гаранции за Израел.
Патувањето на Блинкен доаѓа во време кога се зголемува ризикот од поширок регионален конфликт, и покрај колективните напори на западните и регионалните сили да ја ограничат војната Израел-Хамас во Појасот Газа.
Израел ја започна својата воена кампања за уништување на Хамас откако борците на Хамас преминаа во јужен Израел на 7 октомври. Израел соопшти дека околу 1.200 луѓе биле убиени и околу 240 заробени во терористичкиот напад.
Здравствените власти во Газа соопштија дека повеќе од 22.000 Палестинци, голем процент од нив жени и деца, се убиени во израелската воена офанзива во Појасот Газа.
Соединетите Држави го искажаа своето противење на насилното отстранување на Палестинците од Газа. САД, исто така, работат на повоен патоказ за палестинските територии.
„Газа не може, уште еднаш, да послужи како лансирна рампа за терористички напади против Израел“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер за Гласот на Америка минатата недела.
„Она што на крајот сакаме да го видиме е Газа и Западниот Брег повторно да се обединат под палестинско раководство“ и „сигурно дека Хамас нема никаква улога во тоа“.
Во четвртокот, израелскиот министер за одбрана Јоав Галант ги претстави плановите на земјата за следната фаза од нејзините операции во Газа. Новиот пристап вклучува повеќе насочена стратегија во северниот дел на Газа и континуирана потера на лидерите на Хамас на југ.
Галант во изјавата рече дека по војната Газа повеќе нема да биде под контрола на Хамас. Додека Израел би ја задржал оперативната слобода, нема да има израелски цивили присутни во Појасот Газа.
Некои материјали за овој извештај беа обезбедени од Ројтерс и Асошиетед прес.