Државниот секретар Eнтони Блинкен утре и в петок се среќава колегите од АСЕАН во Џакарта, со фокус на обидот да се стави крај на крвавата криза во Мјанмар и одговорот на кинеската агресија на Јужното Кинеско Море.
Обединетите нации соопштија дека повеќе од еден милион луѓе се раселени поради насилството во Мјанмар. Владејачката воена хунта во Мјанмар се согласи на консензус од пет точки создаден од АСЕАН само неколку месеци по соборувањето на демократски избраната влада на лидерката Аунг Сун Су Кји на први февруари 2021 година.
Планот вклучува итен прекин на насилството, мировни преговори меѓу хунтата и нејзините противници и испораката на хуманитарна помош.
Министерот за надворешни работи на Индонезија Ретно Марсуди повика на прекин на насилството.
„Дијалогот ќе го отвори патот до политичко решение. Само политичко решение ќе доведе до траен мир. Сè уште сме многу загрижени да го видиме континуираното и зголемено насилство во Мјанмар. Индонезија остро ја осудува употребата на сила и насилство. Силно ги повикуваме сите засегнати страни да го осудат насилството бидејќи тоа е најважно за градење доверба“, рече Марсуди.
Лукас Мајерс од Центарот Вилсон, за Гласот на Америка, рече дека земјите-членки на АСЕАН се поделени околу тоа дали и како да се справат со воената хунта во Мјанмар.
„Значи, поморските држави, Индонезија, Малезија, Сингапур, Филипини, се многу попродемократски во кризата во Мјанмар, додека копнените држави, кои честопати се поавтократски во овој случај се многу повеќе во корист на хунтата“.
Мајерс вели дека во последниве месеци, Кина ја зголемила својата поддршка за воената хунта во Мјанмар.
„И така навистина она што Кина се надева да го направи е да обезбеди дека хунтата може да остане на власт и, знаете, тие се во суштина загрижени за оваа нестабилност и загрижени се за САД во регионот“.
Северна Кореја планира да го испрати својот амбасадор на состаноците на АСЕАН, додека Кина вели дека нејзиниот министер за надворешни работи нема да присуствува поради здравствени причини.
Највисокиот дипломат Ванг Ји ќе ја претставува Кина.
Зголемувањето на агресивните воени маневри на Кина во Јужното Кинеско Море, исто така, се очекува да биде важна точка на дискусија за Блинкен и неговите колеги од АСЕАН.