Линкови за пристапност

Блинкен изрази поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, рече Ковачевски


„Сите тешки одлуки се дел од нашата стабилност и иднина. Ние сме членка на НАТО и почнавме преговори со ЕУ во најтешкиот период“, кажа Ковачевски
„Сите тешки одлуки се дел од нашата стабилност и иднина. Ние сме членка на НАТО и почнавме преговори со ЕУ во најтешкиот период“, кажа Ковачевски

САД се клучен партнер на нашата држава од првиот ден на независноста на Северна Македонија, изјави премиерот Димитар Ковачевски при обраќање во училиштето за напредни интернационални студии на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон.

Ковачевски, кој е во официјална посета на САД, рече дека на средбата со државниот секретар Ентони Блинкен, била изразена американската поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во Европската унија.

„Ова ни е клучна средба која испраќа порака до земјите. Со многуте реформи во правосудниот систем, безбедносниот, економскиот и полицискиот сектор, Северна Македонија е пример за другите држави – и ова е докажано. САД секогаш испраќаат силни пораки за важните одлуки“, рече Ковачевски.

Тој во говорот се осврна на актуелните политички прашања, како што се преговорите за членство во ЕУ со Бугарија. Тој посочи дека македонскиот јазик е признаен од ЕУ, без фусноти, а за тоа пример е договорот кој државата го потпиша со Фронтекс.

Ковачевски говореше и за процесот за промена на уставот преку вметнување на заедниците кои живеат во Северна Македонија, што државата тоа го доби како обврска до крајот на скрининг процесот, и што е услов за формално отворање на поглавјата за придвижување кон ЕУ.

Почнавме преговори со ЕУ во најтешкиот период.
Димитар Ковачевски, премиер

„Сите тешки одлуки се дел од нашата стабилност и иднина. Ние сме членка на НАТО и почнавме преговори со ЕУ во најтешкиот период“, кажа Ковачевски.

Тој ги спомна и коридорите 8 и 10д, за кои владата доби низа критики дека е нетраспарентна.

Државната комисија за спречување на корупција, пак, изјави дека има индиции за корупција и судир на интереси. Ковачевски кажа дека договорот за изградба на коридорите е склучен преку Собранието.

„Ова е најголемиот инфраструктурен проект од независноста на државата. За ова да се случи Парламентот донесе закон со кој се одбра американско-турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“ да ги изградат коридорите, а овој закон го потврди Уставниот суд“, рече тој.

На крајот од обраќањето насловено „Дискусија со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски“, тој оствари неформална средба со Македонци кои живеат во САД.

XS
SM
MD
LG