Линкови за пристапност

Блинкен: убиени над 10.000 борци на ИД од почетокот на воздушната кампања


Антони Блинкен, заменик-државен секретар на САД
Антони Блинкен, заменик-државен секретар на САД

Милитантната организација регрутира на меѓународно ниво за да ги обнови силите, наведува официјален Вашингтон

За нешто помалку од една година во армиската операција против организацијата Исламска држава (ИД) биле убиени над 10.000 милитанти, соопшти виш американски владин претставник, а само во текот на минатата ноќ, биле извршени 22 воздушни напади против ИД во Ирак и Сирија.

Заменик-државниот секретар Антони Блинкен ова го изјави за француско радио еден ден откако во Париз се сретна со претставници на земјите од коалицијата и ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади, на дискусија за стратегијата против ИД.

Нешто подоцна денеска, портпаролот на Белата куќа Џош Ернест кажа дека милитантната организација регрутира на меѓународно ниво за да ги обнови силите.

„Илјадници борци на ИД се отстранети од бојното поле поради комбинираниот учинок на нашите коалициони армиски воздушни напади и на ирачките и курдските сили на теренот. Ова е индикативно за видот на стратегија што ИД често ја користи - во основа да жртвува значителен број на обични борци. Гледаме дека ИД уште еднаш, по којзнае кој пат, во основа ги третира како жртвени јагниња во одредени инстанци“, рече Ернест.

САД започнаа да раководат со воздушните напади против цели на ИД минатиот август, додека ирачките сили се обидуваа да ги вратат териториите заземени од милитантите. Еден месец подоцна, коалицијата ги прошири нападите и на соседна Сирија.

Овие напади, во просек по 14 на ден, помогнаа на провладините сили да заземат одредени области, но милитантите се` уште прават напредок.

XS
SM
MD
LG