Американскиот државен секретар Антони Блинкен ги пофали жените во Авганистан и Иран што се залагаат за слободата за време на својот говор во вторникот на настан на кој се истакнува улогата на жените во демократијата.
Блинкен ги пофали жените кои протестираа во Иран како одговор на смртта во полициски притвор на Махса Амини минатата година.
Во Авганистан, Блинкен изјави дека жените се борат за подобра иднина во нивната земја и покрај напорите на Талибанците „да ги избришат од секојдневниот живот“.
„САД се солидаризираат со овие жени и со сите кои работат за целосно, слободно и еднакво учество на жените ширум светот. Преку нашата дипломатија, ние сме посветени да ги поддржуваме и да ја унапредуваме родовата еднаквост ширум светот“, рече Блинкен.
Највисокиот американски дипломат рече дека жените се соочуваат со овие предизвици не само во автократијата, туку и во премногу места каде што немаат еднакви можности за студирање и работа.
„Жените новинарки, политичарки и други професии се предмет на постојано вознемирување и злоупотреба на интернет. Жените кои се жртви на насилство често немаат еднаков пристап до правдата. Жените се предмет на дискриминација што често ги става во неповолна положба - без разлика дали преку двојни стандарди со кои се соочуваат на работното место, пристапот до репродуктивните права или законите за националност, што може да резултира со бариери за пристап до образование, здравствена заштита и имот за себе и за нивните семејства“, рече Блинкен.