Линкови за пристапност

Има пад на демократијата ширум светот, и САД едвај се имуни, предупреди Блинкен


Американскиот државен секретар при денешната посета на Африка рече дека демократиите стануваат сè поранливи на дезинформации, корупција, политичко насилство и заплашување гласачи

Американскиот државен секретар Eнтони Блинкен ја почна посетата на три држави во Африка со предупредување дека неколку фактори довеле до „пад“ на демократијата ширум светот.

Зборувајќи денес пред група активисти за човекови права во Најроби, Кенија, Блинкен рече дека „дури и живите демократии како Кенија“ стануваат сè поранливи на дезинформации, корупција, политичко насилство и заплашување гласачи.

„САД едвај се имуни на овој предизвик“, рече Блинкен, очигледно укажувајќи на нападот на Конгресот на 6. јануари од страна на поддржувачите на тогашниот претседател Доналд Трамп, во обид да ги принудат законодавците да ја дисквалификуваат победата на Џо Бајден на претседателските избори во ноември минатата година.

„Видовме колку нашата сопствена демократија може да биде кревка“, рече тој.

Највисокиот американски дипломат им рече на учесниците дека сака да ги слушне нивните перспективи за демократските предизвици и идеи за нивно решавање, како и за тоа „како САД можат да бидат корисни“ во овие напори.

Блинкен утре се среќава со претседателот Ухуру Кенијата. Стејт департментот соопшти дека тие ќе разговараат за партнерствата меѓу двете влади во однос на „пандемијата на ковид и инвестирањето во здравството, справувањето со климатската криза, изградбата на поинклузивна глобална економија и зајакнувањето на демократијата и почитувањето на човековите права“.

Блинкен, исто така, се очекува да зборува и за конкретни регионални прашања како што се ставање крај на насилството во Етиопија и борбата против тероризмот во Сомалија.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асошиетед прес и Франс прес

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG