Голем број кучиња, кои со години талкаат беспомошни низ охридските улици, сега имаат нов дом, благодарение на Маја и Сузана, активистки за заштита на животните од Охрид. Тие имаат благородна мисија спасување на бездомни кучиња, за да не бидат згазени, отруени или дислоцирани, како и пронаоѓање на сопственици кои би се грижеле за нив. Сè почнало пред пет години.
„Покрај тоа што ги храневме, ако видевме дека некоја е женка или е во циклус, приватно ние самите ги стерилизиравме, ама за жал ги враќавме на улица. Пред помалку од три години, започнавме со самостојно вдомување, ги спасуваме кучињата и по идеја на Сузан ги чуваме во куќата на нејзината мајка. Значи куќата ја направи како мини шелтер“, раскажува Маја Коваческа, активистка за заштита на животните.
„Решавањето на проблемот, кој треба да го решава градот, општината, остана на нас. Претходно имаше и други здруженија кои вдомија повеќе кучиња од Охрид, но прекинаа со работа и останавме само ние“, додава Сузана Сулејман, активистка за заштита на животните.
Уличните кучиња не доаѓаат од небо, тие се испуштениСузана Сулејман
За три години успеале да вдомат повеќе од 300 кучиња во Велика Британија, Белгија, Холандија и Германија. Процедурите за заминување во странство, не се баш едноставни и понекогаш траат и по неколку месеци.
„Направивме наша страна, која се вика Suzans Rescue Dogs House. И комуницираме со нив преку интернет. Преку видео кол имаме повици со нив, разговараме и ги промовираме луѓето“, вели Ковачевска.
„Се прави ‘месинџер-чет’ додека патуваат со вдомувачите и со нас. Многу е возбудливо, многу е интересно и за вдомувачите и за нас. Испраќаат слики“, вели Сулејман.
Не е мал бројот и на оние кои кога ќе дојдат на одмор во Охрид, слушаат за нивната работа, и сами си одбираат куче од улица. Идните сопственици, пред да го добијат кучето, потпишуваат договори, со кои се обврзуваат дека ќе се грижат за него.
Не завршува нашето со тоа што кучето ќе го спасиме од улица, ќе го испратиме и ќе замине. Ние се грижиме за тоа куче додека е живоМаја Ковачевска
„Со тоа се обврзани дека во случај да се откажат од кучето не смеат да го дадат во шелтер таму, или да го препродадат. Мора нас да нè известат, во случај на болест, или од било кои причини дека се откажуваат од кучето. Ние потоа го ревдомуваме. Тие се должни да ни испраќаат фотографии. Ние сме цело време во контакт. Не завршува нашето со тоа што кучето ќе го спасиме од улица, ќе го испратиме и ќе замине. Ние се грижиме за тоа куче додека е живо“, вели Ковачевска.
Едно од стотината среќници е кучето Мејсон, кое сега има топол дом во Лондон, Велика Британија, откако, Маја и Сузана, го спасиле од улица, каде го нашле со исечени уши среде туристичка сезона.
Велат дека културата на чување на миленици во Северна Македонија е сè уште помала и затоа повеќе се одлучуваат да вдомуваат низ Европа. За намалување на бројот на уличните кучиња, велат дека се потребни повеќе мерки.
„Неизбежно е и мора во секој град да постои шелтер-центар. Тоа е работа на општината. Мој предлог е во тие шелтери да има вработено љубители на животни, бидејќи не може секој да ја работи таа работа. Она што е позитивно во Охрид, дел од кучињата кои се земаат се стерилизираат и се враќаат“, вели Ковачевска.
„Не 300, и 3000 да вдомиме, ако овие работи не проработат, џабе е. Пет ќе вдомиме, педесет ќе ги најдеме. Додека нема строги мерки, да има закон, дека секој човек кој што има куче да е стерилизирано, да е чипирано, бидејќи сите улични кучиња не доаѓаат од небо, тие се испуштени“, вели Сулејман.
Сметаат дека е неопходно да се контролира размножувањето на кучињата, да има казни за сопствениците кои ќе ги испуштаат кучињата на улица, како и да се казнува секое убиство или труење, бидејќи случаите на труење на улични кучиња е честа појава.