Линкови за пристапност

Породувањето дома зема замав во САД


Породувањето дома зема замав во САД
Породувањето дома зема замав во САД

Во повеќето американски сојузни држави, помагањето при породување уште во 1950-те беше ставено надвор од законот. Но, бабиците денес се враќаат на сцена.

Карен Кремер планира да се породи дома, што се`до неодамна беше невообичаено за САД.

Претходните две деца ги родила во болница. Но, на второто породување, сестрите го земале бебето и не и` го вратиле цели три часа. Карен вели дека немало компликации. Едноставно, сестрите биле презафатени.

Затоа и се решила третото дете да го донесе на свет – дома. Бабиците за таа цел годишно посетуваат 50.000 домови во САД. Според најновите податоци, породувањето дома е во пораст за околу три проценти.

Медицинската сестра и бабица Мери Ен Ричардсон вели дека трендот толку добива на популарност, што мора дури и да одбива нови клиенти.

„Ми се крши срцето, бидејќи се јавуваат, а ние им велиме дека сме презафатени цели два наредни месеца“, вели Ричардсон.

Д-р Мејвис Шорн се обидува да ја промени општата претстава за породувањето дома. Таа раководи со програмата за обука на бабици при Универзитетот Вандербилт во државата Тенеси. Вели, многумина Американци на тоа гледаат како на опасност од компликацији, а не природен процес.

Шорн додава дека породувањето во домашни услови со обучена бабица е исто толку безбедно како во болница.

Но, при неочекувани компликации родилките сепак завршуваат во болница. Американското здружение на гинеколози на породувањето дома гледа како на „во тренд“ и „опасно“, додавајќи дека стапката на умирање при породување дома е многу поголема, иако застапниците на процедурата го оспоруваат тврдењето.

Згора на се,` во 10 од 50-те сојузни држави, користењето на бабица при породување дома и натаму е незаконско. Стручњаците наведуваат дека тоа е најдобро само за здрави мајки, со некомплицирана бременост и кај кои не се очекуваат компликации при раѓањето.

XS
SM
MD
LG