Ветеран на специјалните сили на американската морнарица тврди дека тој е човекот што пукал во Осама бин Ладен и го елиминирал за време на рацијата во Пакистан во 2011-та година.
Неговото име беше држено во тајност преку три години, но Роберт О`Нил сега преку американските медиуми тврди дека на трипати истрелал кон Бин Ладен, погодувајќи го двапати во челото, и третпат, откако се срушил на подот во спалната соба во имотот каде се криел во местото Аботабад. О`Нил наведува дека бил меѓу првите во колоната командоси што упаднала во имотот и се спротиставила на организаторот на терористичките напади врз САД на 11-ти септември 2001-ва што однесоа речиси 3.000 животи.
Според 38-годишниот О`Нил, првиот командос што допрел до спалната соба отворил оган, но промашил. Потоа О`Нил го забележал Бин Ладен со помош на ноќниот нишан. Тој вели и дека најмалку други два командоси отвориле оган, меѓу нив и Мат Бисонет, којшто напиша книга за упадот, „Не беше лесен ден“.
О`Нил, којшто се пензионираше од морнарицата по 16 години минати во неа и сега го минува времето како инспиративен говорник, вели дека се решил да ја открие тајната откако бил убеден дека други ќе го откријат неговиот идентитет. Тој се подготвувал да ја обелодени својата приказна кога група поранешни командоси го откри неговото име, во знак на протест дека планира да каже дека тој го елиминирал Бин Ладен.
И американската армија е незадоволна од потегот на О`Нил. Пред неколку дена, морнарички командант за специјални операции ги предупреди командосите дека имаат обврска да не објавуваат за природата на својата работа и да не добиваат внимание во јавноста и финансиска добивка.
О`Нил добил бројни награди за учество во преку 400 борбени операции. Тој бил и во акцијата за ослободување на капетанот Ричард Филипс во 2009-та, чиј трговски брод го грабнаа пирати близу брегот на Сомалија. Оваа акција подоцна стана тема на филмот Капетанот Филипс, објавен во 2013-та.