Линкови за пристапност

Бајден ќе потпише наредба владата да промовира купување американски производи


Американскиот претседател eо Бајден во понеделник потпишува наредба за зајакнување на определбата на националната влада за купување стоки од американско производство во време кога најголемата економија во светот забавува поради пандемијата на коронавирус.

Иако сите американски лидери ја обврзуваат владата на програми да се купува произведено во САД, Белата куќа рече дека наредбата на Бајден „ќе ги затвори дупките што им овозможуваат на компаниите да го пренесат производството и работните места во странство а сепак да се квалификуваат за домашни преференции“.

Белата куќа соопшти дека наредбата на Бајден „ќе обезбеди федералната влада да инвестира пари на даночните обврзници во американски бизниси - и мали и големи“, вклучително и од претприемачи и бизниси во сопственост на малцинства.

„Доларите што федералната влада ги троши на стоки и услуги се моќна алатка за поддршка на американските работници и производители“, рече Белата куќа, од што само договорите опфаќаат речиси 600 милијарди американски долари во федералните трошоци.

Белата куќа соопшти дека наредбата на Бајден ќе ги насочи федералните агенции да ги затворат дупките во дефиницијата на американските производи за да се осигурат дека се во доволна мерка произведени во САД за да се квалификуваат како американски производ.

Се наведува дека Бајден ќе именува лице во Канцеларијата за управување и буџет за да го надгледува планот на Владата „Купи американско“ и да го зголеми надзорот на примената на одредбите за изземање што во минатото беа доделувани според законите за домашна преференца.

„Оваа наредба е длабоко испреплетена со заложбата на Претседателот да инвестира во американско производство, вклучително и во чиста енергија и критични синџири на снабдување, за пораст на добро-платени, синдикално покриени работни места, и унапредување на меѓурасната еднаквост“, соопшти Белата куќа.

Наредбата „Купи американско“ е најновата во низата извршни наредби што Бајден ги потпиша во првите пет дена на функцијата од преземањето на власта минатата среда од поранешниот претседател Доналд Трамп.

Бајден поништи низа политики на Трамп, вклучувајќи ја и најавата дека САД повторно ќе се приклучат на меѓународниот договор за климатски промени од Париз и ќе останат во Светската здравствена организација, укинување на забраната за трансродови лица да служат во вооружените сили на САД и запирање на финансирањето за изградба на ѕидот на Трамп долж мексиканската граница.

Покрај тоа, Бајден се обиде да го зголеми производството на вакцини за да го спречи ширењето на коронавирусот и им нареди на луѓето да носат маски за лицето додека се на федерален имот и додека користат јавен превоз.

XS
SM
MD
LG