Линкови за пристапност

Бајден: Европските граници не треба да се менуваат пред вперено оружје


Американскиот потпретседател е во Романија да ги увери сојузниците на НАТО во силната американска поддршка

Американскиот потпретседател Џо Бајден во вторник ја осуди руската анексија на украинскиот полуостров Крим, велејќи дека европските граници „никогаш не треба да се менуваат заради вперен пиштол“.

Бајден зборуваше во армиска база во близина на романскиот главен град Букурешт, пред американски и романски трупи, како дел од напорот да се уверат сојузниците на НАТО во силната американска поддршка. Тој ја опиша руската анексија како „нелегална окупација на Крим“, и ги повика државите на НАТО да „останат решителни во поставувањето поголема цена за Русија“ заради нејзините акции.

Додека немирите од проруските сепаратисти продолжуваат да ја држат напната источна Украина, Москва уште еднаш инсистираше дека десетиците илјади нејзини трупи стационирани во близина на украинската граница започнале со повлекување.

Кремљ зборува за повлекување последниве две недели, но командантите на НАТО велат дека се` уште не виделе докази за повлекувањето.

Вашингтон и неговите НАТО сојузници повеќе пати ја обвинија Москва за користење на распоредувањето на трупите за заплашување на владата во Киев, додека Украина се подготвува за претседателските избори закажани за недела.

И покрај обвиненијата за мешање, рускиот заменик министер за надворешни работи Григори Карасин кажа дека верува оти украинското гласање ќе ги продлабочи политичките поделби во државата доколку непријателствата продолжат во источна Украина. Тој исто така искажа загриженост за обидот на киевската армија да ја добие назад контролата врз зградите во источна Украина последниве недели од проруските сепаратисти.

Сепаратистичките лидери во регионите Донецк и Луханск инсистираат дека претседателски избори нема да се одржат на тие територии, каде Агенцијата за бегалци на ОН вели дека до сега биле раселени 10.000 цивили. Соопштение од ОН од вторник вели дека тој број продолжува да расте.
XS
SM
MD
LG