Линкови за пристапност

Џо Бајден го одржа првиот состанок во Белата куќа со лидерите на републиканците


Бајден се обиде да ги намали партиските тензии во Вашингтон и вети дека ќе работи со двете страни

Претседателот Џо Бајден во средата го одржа својот прв состанок во Белата куќа со лидерите на републиканците од Конгресот во потрага по заеднички јазик за неговите предлози да се потрошат трилиони долари за инфраструктура, образование и згрижување на деца во САД.

Бајден, демократ и поранешен долгогодишен сенатор на САД од Делавер, се обиде да ги намали партиските тензии во Вашингтон и вети дека ќе работи со двете страни за да ги унапреди своите цели во политиката, кои се соочуваат со силно противење на републиканците.

„Во крајна линија тука е да видиме дали можеме да постигнеме некаков консензус“ за компромис околу инфраструктурата, рече Бајден на почетокот на разговорите со Мич Меконел и Кевин Мекарти, републикански лидери во Сенатот и Претставничкиот дом .

Ова беше првпат Бајден да биде домаќин на двајца највисоко рангирани републиканци од Конгресот во Белата куќа.

Спикерката на Демократскиот дом, Ненси Пелоси и лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер им се придружија на нивните републикански колеги на состанокот. На состанокот присуствуваше и потпретседателката на САД, Камала Харис.

Демократите во Конгресот му даваат на Бајден поголем простор во обидот да се постигне договор, но тие се подготвени да изнајдат и друго решение доколку републиканците не се вклучат во преговорите, според извори на Белата куќа.

Лидерот на мнозинството во Претставничкиот дом, демократот Стени Хојер, им изјави на новинарите вчера дека администрацијата на Бајден „нема да чека долго доколку не биде постигнат можен договор“.

Претходно, ниту еден републиканец не гласаше за планот за помош на Бајден вреден 1,9 трилиони долари, кој беше усвоен во март.

Предлог-законот на Бајден за инфраструктура од 2,25 трилиони американски долари и планот за образование и згрижување на деца од 1,8 трилиони долари наидоа на остар отпор од републиканците во Конгресот, со несогласувања околу цената, обемот и предлозите за финансирање. Идеите и намерата на Бајден да оданочуваат богати Американци и компании за да ги покријат трошоците, се популарни кај гласачите од обете партии.

Меконел вети дека нема да ги поддржи плановите за инфраструктура и работни места на Бајден.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG