Линкови за пристапност

САД ќе го обноват моралот и повторно ќе бидат лидери во светот, порача Бајден


Брзаме да почнеме со обнова на американската вклученост во странство, и да ја реафирмираме нашата дипломатија, рече претседателот во неговиот прв говор за надворешна политика во Стејт департментот

Зголемените глобални предизвици, од пандемија, климатска криза до нуклеарно производство, единствено може да се решат преку заедничка работа на државите, рече претседателот на САД Џо Бајден во неговиот прв говор за надворешна политика во Стејт департментот.

„Тоа мора да почне со дипломатија, која е вкоренета во најценетите демократски вредности на Америка. Бранејќи ги слободата, можностите, почитувајќи ги универзалните права, владеење на правото, и секој човек да се третира со достоинство“, рече Бајден, нагласувајќи дека тоа е непресушлив извор на сила за Америка.

„Иако многу од овие вредности беа ставени под голем притисок изминативе години, дури и турнати до раб изминативе неколку недели, американските граѓани ќе излезат од ова посилни, попосветени, и подобро опремени во борбата за одбрана на демократијата, бидејќи сами мора да се бориме за тоа“, рече Бајден.

Тој, исто така, додаде дека изминативе две недели зборувал со лидерите на најблиските пријатели, како Канада, Мексико, Обединетото Кралство, Германија, Франција, НАТО, Јапонија, Јужна Кореја и Австралија, со цел да се обноват навиките за соработка и повторна изградба на демократските алијанси, кои, вели тој, ослабнале во изминативе четири години поради напуштеност и злоупотреба.

„Американските сојузништва се меѓу нашите најголеми вредности. Лидерство со дипломатија значи да се стои рамо до рамо со нашите сојузници и клучни партнери. Но, лидерство со дипломатија мора да значи и дипломатско вклучување на нашите непријатели и конкуренти, каде е во интерес на безбедноста на американските граѓани“, рече тој.

Бајден рече дека ќе се натпреварува од „позиција на сила, преку работа со нашите сојузници и парнери, обновувајќи ја нашата улога во меѓународните институции, и обновувајќи ги нашите кредибилност и морален кредибилитет. Затоа се движиме брзо да почнеме со обнова на американската вклученост во странство, и да ја заслужиме повторно нашата лидерска позиција“.

„Крајно, за успешно да ја реафирмираме нашата дипломатија и да ги чуваме Американците безбедни, просперитетни и слободни, мора да ги обновиме здравјето и моралот на нашите институции за надворешна политика. Сакам луѓето кои работат во оваа зграда, и во нашите амбасади и конзулати низ светот, да знаат дека ја ценам вашата експертиза, и ве почитувам“, изјави Бајден, и додаде:

„Ќе ве штитам. Оваа администрација ќе ве охрабри да ја извршувате вашата работа, не да ве таргетира или политизира. Сакаме цврста дебата, која ги носи сите перспективи и создава простор за несогласување. Така ќе ги добиеме најдобрите можни резултати“.

Бајден рече дека САД повторно ќе бидат лидери „ не само според примерот на нашата моќ, туку според моќта на нашиот пример“.

Пред говорот на Бајден, се обрати и државниот секретар на САД Тони Блинкен, кој рече дека ќе работи за доброто на институцијата, и да ги направи горди претседателот и потпретседателката Камала Харис.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG