Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе има виртуелен самит со рускиот колега Владимир Путин среде масивно концентрирање на руски трупи по должина на украинската граница.
Претседателот Бајден се очекува да покрене серија дипломатски прашања пред претседателот Путин во обид да ја де-ескалира ситуацијата, заедно со јасно предупредување за можни санкции доколку руските трупи изведат инвазија на помалиот сосед и поранешна советска република.
Претставници на администрацијата велат дека Москва лансирала масивна кампања за кибернетско дезинформирање против украинската влада, што е ехо на руската инвазија и анексија на Крим во 2014.
Американската разузнавачка заедница минатата недела објави документ што заклучува дека Путин планира распоредување до 175 илјади војници по должина на украинската граница уште во јануари, како дел од инвазија на повеќе фронтови.
Путин се очекува повторно да побара Украина да не биде примена во НАТО, што Бајден најверојатно ќе одбие да поддржи.