Линкови за пристапност

Бајден рече дека нема да испраќа војници во Украина


Тоа не е на маса, рече денес американскиот претседател, но, најави тешки последици ако се случи руска инвазија

Претседателот на САД Џо Бајден рече дека нема да нареди распоредување на американски војници во Украина со цел да се спротивстави на можна руска инвазија на Украина.

„Тоа не е на маса“, им рече Бајден на новинарите пред Белата куќа, и додаде:

„Идејата дека САД еднострано ќе употребат сила за да се спротивстават на Русија да изврши инвазија на Украина во моментов не е опција. Но, она што ќе се случи се тешки последици“.

Изјавата на Бајден дојде ден по средбата од речиси два часа со рускиот претседател Владимир Путин, по што рече дека САД и нивните европски сојузници се „длабоко загрижени“ поради масовното распоредување на руски војници во близина на границата со Украина, и оти ќе одговорат со „силнни економски санкции доколку Русија ја нападне државата.

Дури и без да се испратат американски војници, високи официјални лица на Белата куќа и Пентагон велат дека сè уште има начини Вашингтон да ја зајакне одбраната на Киев.

„Постојат опции за проширување на безбедносната помош за да се помогне во самоодбраната на Украина“, рече заменик-секретарот за одбрана Колин Кал на виртуелната безбедносна средба, укажувајќи на тековно обезбедување муниција, противтенковски системи, радари против минофрлачи и слично.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан дополнително ја бранеше помошта на администрацијата.

„Ние отидовме подалеку од она што која било администрација го направила во однос на обезбедување на одбранбена поддршка за украинската војска многу однапред од каква било непредвидена ситуација што може да се случи“, рече Саливан.

Бајден, исто така, рече дека се надева оти ќе најави состаноци на повисоко ниво со Русија и други НАТО земји до петок.

Според Кремљ, Путин му го нагласил на Бајден недостатокот на напредок од страна на Украина во имплементирање на договорот од Минск од 2015 година.

Според Кремљ, рускиот лидер ја обвини НАТО „за опасни обиди за освојување на украинска територија“ и за градење на своите воени капацитети во близина на руската граница.

Некои информации во овој текст се искористени од Асошиетед прес и Ројтерс

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG