Претседателот на САД Џо Бајден рече дека средбата со рускиот претседател Владимир Путин поминала позитивно, откако претходно и Путин го опиша состанокот како конструктивен.
„Ставив јасно до знаење дека ние нема да толерираме обиди за нарушување на нашиот демократски суверенитет, или дестабилизација на нашите демократски избори, и би возвратиле. Му кажав на претседателот Путин дека ние треба да имаме некои основни правила што сите ќе ги почитуваме“, рече Бајден.
Тој рече дека друга тема на која разговарале, меѓудругото, била сајбербезбедноста.
„Зборував дека одредна клучна инфраструктура треба да биде надвор од можноста за напади. Точка. Околу кибернетиката им дадов список. Ако не грешам, 16 конкретни ентитети, 16 дефинирани како клучна инфраструктура за САД. Од енергетскиот сектор до водниот систем“, рече Бајден.
Пред него, пак, Путин одржа прес-конференција, на која го опиша Бајден како „конструктивна личност, добро балансиран и искусен политичар“.
Тој нагласи дека се договориле да ги вратат амбасадорите на функција, кои се вратија во матичните држави на почетокот на годинава, како последица на влошување на односите. Двајцата амбасадори присуствуваа на денешната средба.
Рускиот претседател, исто така, рече дека двете страни ќе почнат консултации околу стабилноста и сајбербезбедноста, истакнувајќи дека како нуклаерни сили, „САД и Русија имаат специјална одговорност да ги одржуваат односите“.
Facebook Forum