Линкови за пристапност

Бајден во Женева во пресрет на разговорите со Путин


Белата куќа соопшти дека очекува средбата Бајден - Путин „да биде искрена и јасна“ и дека Бајден ќе ги отвори прашањата за вирусот рансомвајар со потекло од Русија, агресијата на Кремљ кон Украина, затворање на неистомисленици како и други прашања

Американскиот претседател Џо Бајден утре се среќава со неговиот руски колега Владимир Путин во Женева во време на влошените односи меѓу двете светски сили.

Бајден претходно присуствуваше на 47-от самит на групата Г-7 во англискиот град Корнвол, а своите посети и разговори ги продолжи со лидерите на НАТО и ЕУ во Брисел.

„Јас сум секогаш подготвен“, рече Бајден во вторникот, одговарајќи на новинарско прашање во врска со состанокот кратко по неговото пристигнување во Женева.

Во интервју за Ен-Би-Си Њуз, Путин рече дека врските САД - Русија се влошиле до нивната „најниска точка во последните години“.

Белата куќа во саботата соопшти дека Бајден ќе се појави сам на прес-конференција по самитот, за разлика од поранешниот претседател Доналд Трамп кој им се обрати на новинарите заедно со Путин по нивниот самит во Хелсинки во 2018-та година.

Во тоа време, Трамп се спротивстави на сопствените разузнавачки агенции велејќи дека нема причина да се сомнева во тврдењето на Путин дека Русија не се мешала во претседателските избори во САД во 2016-та година.

„Соло прес-конференција е соодветен формат за јасно комуницирање со слободниот печат на темите што беа покренати на состанокот - и во однос на областите за кои може да се согласиме и во областите каде што имаме значителни грижи“, рече официјален претставник на Белата куќа. .

Во врска со очекувањата, висок американски официјален претставник им изјави на новинарите дека Бајден ќе даде повеќе детали по средбата со Путин.

Во април, Бајден протера 10 руски дипломати и воведе нови санкции за шест руски технолошки компании кои обезбедуваат поддршка за сајбер програмата водена од разузнавачките служби на Путин.

Во мај, два клучни бизниси во САД - Колонијален гасовод, кој превезува гориво во југоисточниот дел на САД и компанијата за производство на месо ЈБС - беа мета на кибер напади за кои се верува дека потекнуваат од Русија. Двете компании платија милиони долари за откуп за да ги вратат своите деловни операции, иако службените лица за спроведување на законот на САД повратија дел од парите што Колонијал ги платил.

Белата куќа исто така соопшти дека очекува средбата Бајден - Путин „да биде искрена и јасна“ и дека Бајден ќе ги отвори прашањата за вирусот рансомвајар со потекло од Русија, агресијата на Кремљ кон Украина, затворање на неистомисленици како и други прашања.

Двајцата лидери, исто така, се очекува да ја опфатат стратешката нуклеарна стабилност и односите меѓу Русија и Западот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG