Линкови за пристапност

Бајден ќе го постави тонот на надворешната политика во обраќање во четрврток


Кина и Русија се главните приоритети на новата администрација

Американскиот претседател Џо Бајден ќе го постави тонот за неговата визија за надворешна политика за време на неговото прво поголемо обраќање во Стејт департментот во четврток.

Иако неговите забелешки може да не откријат специфичности на новиот американски пристап кон странски непријатели вклучувајќи ја Кина, Северна Кореја, Русија и Иран, Бајден се очекува да ја изнесе својата визија за поголемо посегање кон сојузниците за конфронтирање на заедничките глобални предизвици.

Прес-секретарката на Белата куќа Џен Саки на брифинг во средата кажа дека Бајден ќе зборува во поширока рамка и нема да понуди детали за надворешната политика. Таа рече дека американскиот претседател верува оти САД мора тесно да соработуваат со сојузниците во врска со Кина.

Портпаролот на Стејт департмент Нед Прајс беше на иста линија на брифингот подоцна во денот.

„Нашата политика не е променета“, Прајс кажа пред новинарите, додавајќи дека САД се раководат од американската политика за „Една Кина“.

Одговарајќи на прашање од Гласот на Америка, американскиот државен секретар Антони Блинкен на новинарите минатата недела им кажа дека односите меѓу САД и Кина се „најверојатно најважната релација што го имаме во светот гледано за иднината“.

Кина

Говорот на Бајден од четврток доаѓа во време кога во САД се расправа за нов приод кон Кина при што официјални лица кажаа дека Вашингтон ја прифаќа политиката на „стратешко трпение“.

Начинот на справување со синџирот на набавки и разузнавачките закани од Кина е меѓу највисоките приоритети на администрацијата. Има извештаи дека претседателот Бајден наскоро се очекува да потпише извршна наредба за ревидирање на американските снабдувачки синџири, со фокус на помошта за коронавирусот од снабдувачи од странски конкуренти.

„Знаеме дека Кина е ангажирана во однесување што им штети на американските работници. Ја отапува нашата технолошка предност, се заканува на нашите алијанси и влијание во меѓународните организации, и Кина е ангажирана во грубо кршење на човековите права што ја шокира нашата свест“, Прајс рече неделава.

Русија

Новиот американски претседател зборувал по телефон со неколку странски лидерри откако е на функција, вклучувајќи ги традиционалните американски сојузници и рускиот претседател Владимир Путин. За време на тој разговор, Белата куќа вели дека Бајден го покренал прашањето за проблематичното апсење на опозиционерот Алексеј Навални, како и кибернетската шпионажа на Москва, во исто време барајќи заедничка основа за согласност за продолжување на договорот за нуклеарно оружје со Русија.

Во средата САД и Русија објавија дека го продолжуваат СТАРТ, новиот договор за контрола на најголемите светски нуклеарни арсенали меѓу двете држави.

XS
SM
MD
LG