Демократијата е во ризик, дома и во светот, предупреди претседателот на САД Џо Бајден во неговиот говор, по повод Денот на сеќавање на загинатите американски војници.
Пред обраќањето на Бајден, потпретседателката Камала Харис, заедно со највисоките воени официјални лица, положи венец на националните гробишта во Арлингтон, Вирџинија.
„Тоа што го правиме, како им оддаваме почит на загинатите, ќе утврди дали демократијата ќе опстои долго или не“, рече Бајден, индиректно укажувајќи на нападот врз Конгресот на шести јануари, истоворемено, повторно истакнувајќи ја борбата за „душата на Америка“.
Одбележувајќи го годишниот национален празник, Бајден го спомна и правото да се гласа слободно и фер.
Во неговиот 22-минутен говор, Бајден ги повика и медиумите да трагаат по вистината базирана на факти, а не пропаганда.
Вчера, пак, во Делавер, неговата родна сојузна држава, Бајден се обрати пред група ветерани и семејства на загинати војници.
„Мора да ја запаметиме цената што беше платена за нашите слободи. Мора да се сеќаваме на долгот кон тие што ја платија цената, и кон семејствата што ги оставија зад нив. Моето срце е преполовено од болка“, рече Бајден, кој, вчера, исто така, ја одбележа шестата годишнина од смртта на неговиот син Бо.
„Знам колку боли загубата. Ја знам празнината што останува во градите“, рече Бајден.
САД го одбележуваат Денот на сеќавање на загинатите американски војници уште од 1868 година, по завршување на Граѓанската војна. Националниот празник сега се слави последниот понеделник во мај.
Facebook Forum