Сенаторката Камала Харис се обидува да стане прва жена потпретседател на САД, откако демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден ја избра да биде негова партнерка во изборната трка.
Педесет и петгодишната Харис е ќерка на имигранти. Нејзиниот татко потекнува од Јамајка, а мајка ѝ од Индија. Харис е прва црна жена, како и прва жена со азиско потекло, која се наоѓа во ваква трка.
Нејзината биографија покажува дека таа е и прва Афроамериканка која станала главна правобранителка на сојузната држава Калифорнија, како и прва жена воопшто на таа функција.
Во 2016-та година, Харис е избрана за сенаторка од Калифорнија, што ја прави и прва жена со потекло од Јужна Азија да биде на оваа позиција.
Харис беше и во демократската трка за претседател на САД, во обид да го тргне од власт претседателот Доналд Трамп.
Нејзината кампања имаше силен почеток, со 20.000 луѓе на првиот собир во Окланд, Калифорнија. Но, во месеците потоа, јавните анкети покажаа опаѓање на нејзиниот рејтинг, поради што на почетокот на декември минатата година, таа излезе од демократската претседателска трка. Нејзината кампања тогаш изјави дека се соочила со проблеми во обезбедување финасиски средства.
Во март, Харис јавно го поддржа Бајден во трката за обезбедување демократска претседателска номинација.
„Верувам во Џо“, рече таа.
Бајден, при објавување на неговиот избор, рече дека Харис е една од најдобрите државни работници во служба на граѓаните.
Харис дипломирала на Универзитетот Ховард во градот Вашингтон, кој историски важи за афроамерикански колеџ.
Се стекнала со диплома по право на Универзитетот на Калифорнија. Два мандата работела како окружен обвинтел на Сан Франциско, пред да биде избрана за главна правобранителка на Калифорнија.
Нејзината работа е предмет на истрага, и е под критика за невоведување реформи во кривичниот систем, како и за недоволно работење да се истражат полициските убиства.
Харис е една од законодавците во Конгресот, која активно се залага да се донесе легислатива за воведување полициски реформи на национално ниво.
Facebook Forum