Линкови за пристапност

Овие избори се борба за душата на Америка, вели Бајден, кој третпат се обидува да ја освои Белата куќа


Изминативе месеци за време на кампањата, поранешниот потпретседател рече оти сака да ѝ стави крај на „необичната“ администрација на Трамп

Поранешниот потпретседател Џо Бајден, демократска фигура на американската политичка сцена речиси половина век, би можел да ја освои Белата куќа при негов трет обид.

Националните анкети и истражувања покажуваат дека во политички важните сојзуни држави, Бајден води пред неговиот републикански противкандидат Доналд Трамп.

Аналитичарите велат дека Бајден има повеќе патишта како да го добие мнозинството од 270 гласови во Изборниот колеџ, кој го одредува победникот.

Ако Бајден победи и е инаугуриран за претседател во 2021 година, тој ќе биде 46. претседател на САД.

Дотогаш, тој ќе има 78 години, најстариот претседател кој некогаш бил избран во САД, надминувајќи го Трамп кој имаше 70 години кога ја презеде функцијата.

Бајден не успеа да ја освои демократската претседателска номинација во 1998 и 2008 година, кога доби малку поддршка.

Триесет и шест години сенатор од малата сојузна држава Делавер, и потпретседател на Барак Обама, Бајден победи десетици други демокарти за претседателската номинација 2020.

За време на пандемијата, тој водеше една од најнеконвенционалните кампањи во американската изборна историја.

За разлика од Трамп, тој ги откажа традиционалните големи политички собири и организираше мали настани, со поддржувачи со маски на лице, кои одржуваа социјална дистанца од два метра.

Дополнително, тој одржа бројни говори во близина на неговиот дом во Делавер.

Бајден го напаѓа Трамп за справување со пандемијата, тврдејќи дека тој не заслужува да остане претседател, откако САД регистрираа повеќе од 230.000 смртни случаи, според универзитетот Џонс Хопкинс.

Тој рече дека Трамп кренал „бело знаме“ како знак дека се предава во борбата против вирусот.

Трамп, пак, вели дека Бајден го претставува најлошто од Вашингтон - долгогодишен политичар.

На двете дебати, Трамп рече дека Бајден е во раце на прогресивните демократи, и оти ќе промовира социјализам и здравствена заштита под владина контрола.

Бајден се залага за напредни програми за заштита на животната средина и за обновување на традиционалните американски партнерства во странство

Тој нуди детални предлози за реформи на кривичниот систем и враќање на правдата.

Изминативе месеци за време на кампањата, Бајден рече оти сака да ѝ стави крај на „необичната“ администрација на Трамп.

„Ние сме во битка за душата на Америка. Време е да се потсетиме кои сме. Ние сме Американци, силни, издржливи, но, секогаш полни со надеж. Време е да се однесуваме со почит еден кон друг, да изградиме средна класа која им одговара на сите. Да се бориме против неверојатната злоупотреба на моќ што ја гледаме“, рече Бајден, додавајќи дека е време за почитувано лидерство на светска сцена.

Ако биде избран, Бајден најави дека ќе ги врати САД во Договорот за климатски промени од Париз, како и во Иранскиот нуклеарен договор, чија цел е да го спречи Техеран да ја развива неговата нуклеарна програма.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG