Американските демократи во понеделник навечер ја отвораат нивната национална конвенција, што ќе биде четиридневен виртуелен настан со делегати и говорници низ целата држава што ги обединува една мисија: да му помогнат на поранешниот потпретседател Џо Бајден да го порази претседателот Доналд Трамп на ноемвриските избори.
Лепеза на истакнати демократи, вклучувајќи ги поранешните демократски претседатели Барак Обама и Бил Клинтон и номинацијата од 2016-та Хилари Клинтон, ќе зборуваат за вредностите на 77-годишниот Бајден и неговиот избор за потпретседател, сенаторката од Калифорнија Камала Харис, првата црна жена и прва Американка со јужноазиско потекло што е на партиско гласачко ливче на национални избори во САД.
Според планот Бајден ќе ја прифати номинацијата во четврток навечер, во негов трет обид за Белата куќа во период од три децении, но ова е прв пат да е номиниран од партијата за четиригодишен мандат како лидер на САД.
Ова ќе биде политички настан како ниеден до сега. Сите говори ќе бидат онлајн без вообичаените фанфари од вакви собирања на демократите и републиканците секои четири години.
Првично демократите требаше да се соберат во Милвоки, Висконсин, но со ширењето на пандемијата на коронавирусот партиските официјални лица решија да го модифицираат форматот и говорниците да останат дома.
Бајден ќе ја прифати претседателската номинација во неговата сојузна држава Делавер, во присуство само на најблиските соработници.
Трамп планира да ја прифати повторната републиканска номинација за втор мандат една недела подоцна, на 27-ми август, со говор од Јужниот тревник во Белата куќа откако републиканците решија да ја одржат конвенцијата во Шарлот, Северна Каролина.
Во меѓувреме, Трамп и потпретседателот Мајк Пенс планираат да посетат неколку сојузни држави каде ќе се води политичката битка за гласови, со цел да го засени шоуто на Бајден, вклучувајќи и застанување во близина на местото каде Бајден пораснал, во североисточниот град Скрентон, Пенсилванија.