Линкови за пристапност

Го предводиме светот повторно, рече Бајден, најавувајќи бесплатни градинки и минимална плата од 15 долари на час


100 дена од преземање на функцијата, можам да кажам дека Америка се движи напред повторно, рече претседателот на САД во првото обраќање пред Конгресот

Претседателот на САД Џо Бајден предложи зголемување на владината помош за американските деца и семејства, при неговото вечерашно прво обраќање пред Конгресот.

„Денес дојдов овде да зборувам за криза и можности. За обнова на нашата држава, нашата демократија, и да ја обезбедиме иднината на Америка“, рече Бајден, додавајќи:

„Работиме повторно. Сонуваме повторно. Го предводиме светот повторно“.

Тој ги истакна проблемите со кои се соочил на почетокот на неговата администрација, како пандемијата на коронавирус, економската криза како последица на тоа, како и нападот врз Конгресот кусо пред неговата инаугурација во јануари.

„Сега после 100 дена, можам да ѝ кажам на нацијата: Америка се движи напред повторно“, рече Бајден.

Бајден ги повика демократите и републиканците да работат заедно велејќи дека „не можеме да бидеме зафатени да се натпреваруваме меѓусебе, и да заборавиме дека натпреварот е со остатокот од светот за да победиме во 21 век. Да ја победиме конкуренцијата во иднина, треба да направиме инвестиција во нашите семејства и нашите деца“.

Токму затоа, рече Бајден, предлага план од 1,8 трилиони долари за американските семејства, кој, меѓудругото, обезбедува пристап до „добро образование, две години бесплатна предучилишна грижа за секое дете на возраст од три и четири години, како и две години бесплатен колеџ во заедниците“.

Тој го истакна напредокот со вакцинирање против ковид-19, но, ги повика луѓето да продолжат да ги преземаат неопходните мерки за заштита од вирусот од кој досега починаа повеќе од 574.000 луѓе во САД, а се заразија 32 милиони.

„Има уште работа да се заврши за да се победи вирусот“, рече тој.

Претседателот ги повика граѓаните да се вакцинираат, нагласувајќи дека тоа сега можат да го направат сите на над 16-годишна возраст.

Бајден, исто така, рече дека ветил 100 милиони вакцини против ковид-19 во првите 100 дена, а обезбедил 220 милиони вакцини.

„Секој над 16 години може да се вакцинира во овој момент. Вакцинирајте се сега. Кога дадов заклетва помалку од еден процент од постарите лица беа целосно вакцинирани против ковид-19. 100 дена подоцна, речиси 70 отсто од постарите лица се целосно заштитени“, рече Бајден, нагласувајќи дека бабите и дедовците веќе можат да ги гушнат нивните деца и внуци наместо да се гледаат преку прозорец.

„ Тоа им значи се`“, рече Бајден.

Претседателот рече дека благодарение на финансискиот пакет за справување со последиците од пандемијата, биле креирани повеќе од 1,3 милиони нови работни места во првите 100 дена од неговата функција.

„ Повеќе нови работни места во првите 100 дена од кој било друг претседател досега“, рече Бајден.

Тој ги повика законодавците да изгласаат и минимална плата од 15 долари на час. Зборуваше и за заштита на правата на ЛГБТИ заедницата, и за имигрантите и потребата од реформи, повикувајќи го Конгресот да делува.

Претседателот го спомна и повлекувањето на трупите од Авганистан, велејќи дека после 20 години американска жртва „време и да ги вратиме трупите дома“.

„Во однос на Русија, му дадов јасно до знаење на претседателот Путин дека иако не сакаме ескалација, нивните постапки ќе имаат последици“, рече Бајден.

Тој, исто така, вети дека нема да ги зголеми даноците за граѓаните кои заработуваат помалку од 400.000 долари годишно, велејќи дека е време корпоративна Америка и најбогатите да плаќаат повисоки даноци.

Бајден рече дека предлозите за помош на семејствата и за инфраструктура, вкупно од околу четири трилиони долари, се потребни и однос на Кина, која администрацијата ја гледа како голем стратешки предизвик.

Тој рече дека поминал многу време во разговор со кинескиот претседател Шји Џјинпинг.

„Тој е сериозен да станат најзначајна држава во светот. Тој и други автократи, мислат дека демократијата не може да се натпреварува со автократиите во 21.век“, рече Бајден.

Претседателот го заврши говорот, велејќи дека во првите 100 дена работел на враќање на довербата на граѓаните во демократијата, нагласувајќи дека никогаш не бил поооптимистичен за иднината на Америка.

Републиканскиот сенатор Тим Скот излезе со реакција по говорот на претседателот Бајден.

„Нашата најдобра иднина нема да дојде од плановите на Вашингтон или социјалистички сонови. Ќе дојде од вас, американските граѓани“, рече Скот.

Тој додаде дека претседателството на Бајден имало корист од економското заздравување, за кое републиканецот Трамп ја поставил основата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG