Линкови за пристапност

Бајден ќе предложи зголемување на даноците на богатите за да обезбеди бесплатни градинки


Претседателот на САД вечерва ќе се обрати пред Конгресот, и се очекува да зборува за визијата за адресирање на проблемите и за можностите

Претседателот на САД Џо Бајден се очекува да зборува за неговата цел да соработува со други држави и за преземање на лидерска улога на светската сцена во вечерашното обраќање пред Конгресот.

Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки рече дека коментарите на Бајден во однос на надворешната политика ќе вклучуваат враќање на Америка како лидер во светот, како и за вредностите на државата.

Псаки рече дека Бајден веројатно ќе зборува за приоритетите во надворешната политика, вклучувајќи го и односот кон Кина.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси го покани Бајден да зборува за визијата за адресирање на проблемите и за можностите, во момент кога се одбележуваат 100 дена од неговото преземање на функцијата.

Псаки, исто така, рече дека клучна иницијатива која Бајден планира да ја истакне е домашната програма за инвестирање во образование и грижа за децата.

Предлогот вклучува 1,8 трилиони долари за инвестиции во рок од преку десет години, кои опфаќаат универзална предучилишна грижа, две години бесплатен колеџ, субвенционирана детска грижа за квалификувани семејства, месечни примања од најмалку 250 долари за родители, како и зголемена достапност за бесплатни и по намалени цени училишни оброци.

Официјални лица од администрацијата велат дека Бајден предлага овие инцијативи во голема мера да бидат финансирани со покачување на даноците на богатите Американци.

Псаки рече дека Бајден ќе зборува и за напорите на администрацијата за справување со пандемијата на коронавирус и невработеноста, како и за имиграцијата, полициските реформи и за заштитата од насилството со оружје.

Говорот се очекува да биде почетна точка во барањето поддршка за овие иницијативи, како што потпретседателката Камала Харис и членови од Кабинетот на Бајден планираат да патуваат во различни делови на државата утре и в петок.

Републикаците ќе се спротивстават на пораката на Бајден со говор кој треба да го одржи сенаторот од Јужна Каролина Тим Скот.

Обично, претседателскиот говор вклучува публика од 535 членови на Претставничкиот дом и Сенатот, потпретседателот, членови на Кабинетот, судии од Врховниот суд, членови на дипломатските претставништва, бројни специјални гости кои седат до првата дама, од кои некои претседателот ги спомнува и во говорот.

Денешната публика ќе биде многу ограничена. Врховниот судија Џон Робертс се очекува да биде единствениот судија кој ќе присутвува, а Псаки нагласи дека нема да има традиционални специјални гости кои ќе седат до првата дама. Членовите на Кабинетот, исто така, ќе го гледаат говорот од дома.

Ќе има огромно обезбедување, како и ограда околу Капитол, по нападите на Конгресот на 6-ти јануари од страна на поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG