Линкови за пристапност

Бајден „цврсто“ зад одлуката за повлекување на трупите од Авганистан


Претседателот за прв пат се обрати јавно откако Талибан го презеде Кабул

Американскиот претседател Џо Бајден кажа дека стои „цврсто“ зад неговата одлука да ги повлече американските армиски сили од Авганистан во неговото прво обраќање до јавноста откако Талибан ја презеде контролата во јужноазиската држава.

Во говор на националната телевизија во понеделникот од Белата куќа, Бајден кажа дека американската мисија во Авганистан „никогаш не требало да биде изградба на нација“ и рече дека заканата од тероризам што ја довела американската армија во државата се раширила далеку преку границите на Авганистан во други држави.

Тој призна дека победите на Талибан низ Авганистан се случиле „побрзо отколку што антиципиравме“.

Сепак, Бајден рече дека е погрешно да им се нареди на американските трупи да се ангажираат во натамошна борба кога авганистанските трупи немаат волја за тоа.

„Ако ништо друго“, рече тој, „настаните од изминатава недела ја потврдуваат “ неговата одлука за повлекување од Авганистан.

Бајден се врати во Белата куќа од Кемп Дејвид во понеделникот, еден ден откако претседателот Ашраф Гани го напушти Авганистан кога борците на Талибан влегоа во авганистанскиот главен град Кабул.

Бајден конзистентно ја бранеше неговата одлука да ги повлече сите американски трупи од државата до 31 август.

„Уште една година, или пет години, на американско армиско присуство немаше да направи разлика доколку авганистанската армија не може или нема волја да ја одржи нивната сопствена држава“, рече Бајден.

Американските сили беа во Авганистан речиси 20 години, зафаќајќи администрации на четворица американски претседатели. Бајден во април соопшти дека ќе ги донесе трупите дома до крајот на август, наспроти препораките од Пентагон САД да остават мал број трупи во државата.

Интензивирањето на нападите на Талибан во Авганистан започнаа во мај кога САД и сојузниците од НАТО започнаа со повлекувањето. Најновата офанзива на Талибан од последната недела кулминираше со колапс на авганистанската влада.

XS
SM
MD
LG