„За нас кинескиот јазик е далечно нешто и искрено јас бев изненадена кога добивме таква понуда. Сметам дека ова е некое наметнување, штом веќе навлегуваат и пробуваат да влезат во училиштата сигурно дека сакаат да го наметнат јазикот“, вели Марина Ѓоргоска, директорка на ОУ „Христо Узунов“ од Охрид.
Минатата учебна година во училиштата во Охрид на учениците им се нудеше можност за бесплатно изучување на кинескиот јазик.
„Ние не формиравме група, бидејки немашем интерес за кинескиот јазик. Така да минатата година не успеа тој проект за кинески јазик. А за оваа учебна година немаме добиено повторно за таква соработка. Најмалку требаше да има 20 ученици за да се формира група. Само се јавија две или три деца“, вели Ѓоргоска.
Сметам дека ова е некое наметнување, штом веќе пробуваат да влезат во училиштатаМарина Ѓоргоска, директорка на ОУ „Христо Узунов“, Охрид
Од кинескиот „Конфуциј институт“, кој ги организира овие курсеви, велат дека нивната мисија е иста како и на останатите околу 500 институти низ целиот свет, а тоа е изучување на кинескиот јазик, но и на кинеската култура.
„Не би го рекол дека се работи за влијание. Преку овие бесплатни курсеви по кинески јазик и по часовите за традиционални кинески вештини, на еден начин се промовира многу повеќе кинеската цивилизација како таква“, посочува Влатко Стоилков, директор на Конфуциј институт, при УКИМ, Скопје.
Ова ќе биде втора година за петто одделенецот, Ангел Јованов, како ќе следи часови по кинески но онлајн.
„Кинескиот јазик го изучувам затоа што ми е интересен и учителката ни предава онлајн. Во кинескиот јазик нема азбука, има знаци. Некои се пишуваат потешко, а некои полесно. Јас се викам Ангел Јованов. Имам десет години и го сакам кинескиот јазик“, вели Ангел.
Не би го рекол дека се работи за влијание, се промовира многу повеќе кинеската цивилизацијаВлатко Стоилков, директор на Конфуциј институт
„И во иднина гледаме некоја перспектива во тоа што тој сега го изучува кинескиот јазик. Можеби е тоа некоја нивна агенда, но неможам да кажам дека тоа е нешто што е наметнато“, посочува Наташа Смоковска Јованова, мајка на Ангел.
Од институтот „Конфуциј“ се надеваат дека интересот за изучување на кинески се повеќе ќе се зголемува.
„Ланската година имавме 1.067 ново запишани ученици и 260 ученици кои беа претходно запишани и продолжуваа. Така што на почетокот на учебната година беа некаде околу 1380 ученици од сите нивоа“, додава Стоилков.
Минатата 2023-та година, беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Општина Охрид и институтот „Конфуциј“. Со него е опфатено изучување на кинескиот јазик, литература и култура, за ученици и вработени во општинските училишта, како и организирање на културни настани, семинари и работилници.
„Не помалку се значајни и можностите за студирање во Кина, кратки престои, бизнис релации. Сетоа тоа на еден начин ги мотивира нашите граѓани да се заинтересираат за изучување на кинески јазик. Има и државни стипендии кои се наманети за ученици и студенти од странство кои сакаат да студираат во Кина“, посочува Стоилков од Институтот „Конфуциј“.
Инаку едно истражување на институтот „ПРЕСПА“ од 2022 година, покажува дека Кина е меѓу првите три држави, со свое присуство во македонското образование, односно во истражувањето и науката, но и дека високо-образовните институции од земјата, соработуваат на билатерално ниво со своите кинески колеги, преку различни проекти.
Двете земји имаат потпишано и меморандум за разбирање и заедничко финансирање на проекти за развој од повеќе области. Кина изминатите години имаше донирано и компјутерска опрема за дел од факултетите во државата, а стотина студенти, ја искористиле можноста за студирање на некои од кинеските универзитети.
Facebook Forum