Линкови за пристапност

Бесими во Џонс Хопкинс - дали Македонија може да се приклучи на Европа?


Проблемот со името е билатерален, но импликациите се мултилатерални и процесот не може да трае бесконечно, смета заменик-претседателот на македонската влада за европски прашања

Според вицепремиерот Бесими, којшто се наоѓа во Вашингтон за Молитвениот појадок, Македонија може да стане 29-та членка на ЕУ. Но, на дискусијата во Школата за современи меѓународни истражувања на Универзитетот Џонс Хопкинс во Вашингтон, тој предупреди дека главното прашање пред коешто е исправена Македонија е како да се измени статус-кво ситуацијата од 2009-та - земјата веќе нанижа шест препораки за почеток на преговори со Унијата, но не е дел од неа. Токму тоа не е одржливо на долг рок, рече Бесими. Тој истакна дека проблемот со името е билатерален, но импликациите се мултилатерални, при што ја нагласи и неопходноста да се постави временска рамка за решение, затоа што процесот не може да трае бесконечно.

Одложувањето на членството значи дека имплементирањето на европските вредности ќе чека на подобри времиња, што, според Бесими, создава фрустрираност и меѓу етничките Македонци, и етничките Албанци.

Вели, корист од решение за името нема да има само Македонија: „Без решение, ако регионот се остави без перспективата за НАТО и за ЕУ, на Грција нема да и` биде подобро. Грција може да игра улога на предводник во регионот за овие процеси на Балканот. Тоа ќе биде победоносна формула за сите“.

За последните политички настани од викендот што ја потресоа македонската јавност, кога премиерот Никола Груевски го обвини водачот на СДСМ Зоран Заев за уцена и соработка со странска разузнавачка служба, Бесими изрази резервираност, но даде поддршка на институциите на системот. Рече, ваквите настани не создаваат добар имиџ на земјата и ги збунуваат инвеститорите.

„Важно е институциите во оваа фаза да покажат кредибилитет, демократски капацитет, а судството да покаже транспарентност, ефикасност, професионалност и независност“, кажа Бесими.

XS
SM
MD
LG