Поранешниот градоначалник на Њујорк Мајк Блумберг, се пробива во демократската претседателска трка, што предизвика реакција и кај претседателот на САД Доналд Трамп.
Името на Блумберг не можеше да се види на првите две демократски гласања во сојузните држави Ајова и Њу Хемпшир, а нема да се види ниту на следните во Невада и Јужна Каролина. Но, тој досега потроши повеќе од 300 милиони долари негови пари на телевизиски реклами.
Трамп, коментирајќи ги физичкиот изглед и политичките способности на Блумеберг, на Твитер напиша:
„Минијатурниот Мајк Блумберг е губитник кој има пари, но, не може да дебатира и нема никакво присуство. Ме потсеќа на смалена веризја на Џеб (Без енергија) Буш, но, Џеб има повеќе политички вештини и се однесува кон афроамериканската заедница многу подобро“.
Во друг твит, Трамп додаде дека „минијатурниот Мајк е мртва енергија кој не сака да има дебата со овие професионални политичари. Тој го мрази лудиот Берни, и со доволно пари можно е да го запре. Луѓето на Берни ќе бидат многу лути“.
Блумберг, кој е висок 1.7 метри, му одговори на Трамп.
„Познаваме многу вакви луѓе во Њујорк. Зад грб ти се смејат и те нарекуваат карневалски кловн. Тие знаат дека наследи богатство, кое го потроши на глупави зделки и некомпетентност“, рече Блумберг, додавајќи дека тој имал позадина и ресурси да го победи.
Трамп, пак, рече дека би преферирал да биде во трка против Блумберг, отколку Берни Сандерс, бидејќи Сандерс имал реални следбеници, независно дали сте се согласувале со него или не.
„Страшно е тоа што го кажува, но, има следбеници“, рече Трамп.
Сандерс, Ејми Клобучар и други, пак, го обвинуваат Блумберг дека го користи неговото богатство да ја купи демократската претседателска номинација.
Facebook Forum