Линкови за пристапност

Ѓорѓиовска: Има многу работи да научиме од Америка


Ѓорѓиовска: Има многу работи да научиме од Америка
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

Ивона Ѓорѓиовска, средношколка од Скопје , годинава е една од учесничките на американската програма „Бенџамин Франклин“

„Америка што ние ја гледаме на телевизија, многу се разликува од оваа што сега ја гледам тука“, вели Ивона Ѓорѓиовска која беше во посета на Гласот на Америка како дел од традиционаланата Трансатлантска студентска иницијатива „Бенџамин Франклин“.

17-годишната средношколка од гимназијата Ѓорѓи Димитров во Скопје првпат учествува на ваква програма, чија што цел е, како што ни кажа, „зближување на европските култури со културата на САД“.

Голем впечаток и` оставила културната разлика меѓу двете земји, Македонија и САД.

„Америка што ја гледаме на телевизија, многу се разликува од оваа што сега ја гледам тука“, вели таа.

„Кога дојдов, прво нешто што ми падна во очи беше огромниот број туристи и различни националности. Мислам дека тоа и` фали на Македонија. Шаренилото од култури овде ме воодушеви “, вели Ѓорѓиовска.

Деновите во САД ги минува со уште 34 средношколци од целиот свет. Таа е единствена претставничка од Македонија. Заедно одат во посета на државни институции и учествуваат во дебати за општествениот живот во САД.

Акцентот на најголемиот дел од предавањата бил на американскиот начин на живот и една од првите работи со кои им била претставена Америка на учесниците, бил Уставот на САД.

За овие неколку дена колку што е во САД, Ѓорѓиовска ввоочила дека „не е исто да се биде средношколец тука и средношколец во Македонија“.

„Ми се допаѓа како овде уште од млади учат да бидат општествено корисни и да се вклучуваат во добротворни активности“, вели Ѓорѓиовска.

Голем интерес кај неа предизвикале предавањата за изработка на социјални проекти.

„Кога ќе се вратам дома ќе направам проект за решавање на социјален проблем со кој се соочуваат граѓаните на Македонија“, вели Ѓорѓиовска.

Таа е оптимист дека ќе најде начин да обезбеди пари за реализирање на такви проекти. Посебно сака да работи во областа на уметноста, која, вели, ќе најде начин да ја вклучи во нејзините идни ангажмани.

Се обидува да најде време за посета на знаменитостите, за кои вели дека се вистинско уживање. Сепак, вели дека многу и` недостига македонската храна.

„Има многу работи да научиме од Америка, но нашата кујна е прекрасна“, вели таа.

Ѓорѓиовска ќе биде во САД до крајот на јули. Дел од престојот е замислен како живот во американско семејство, за „вистински да ја доживее Америка“.

Сигурна e дека дома ќе замине побогата, но планира да се врати барем уште еднаш. Како турист, потенцираше на заминување од Гласот на Америка Ивона Ѓорѓиовска.

Програмата Бенџамин Франклин ја спонзорира американскиот Стејт департмент, а ја реализира универзитетот Вејк Форест, од Северна Каролина.

XS
SM
MD
LG