Подобрување на врските помеѓу младите од двете страни на Атлантикот, подигање на свеста за заедничките вредности и спроведување на принципите на слободата и сороботката се целите на Иницијативата за трансатлантска соработка Бенџамин Франклин, преку која 60-тина ученици од Америка и Европа месецов се собраа во САД.
Ќамиле Фуад ја претставува Макеоднија. Само што завршила со средното образование и посакува да стане лекар – еден од ретките Роми во Макеоднија со оваа професија.
„Програмата е прекрасна. Патувавме низ повеќе градови. Досега бевме во Филаделфија, сега сме во Вашингтон. Ќе го посетиме и Вилијамсбург, што ни овозможува големо искуство“, говори за впечатоците од програмата и нејзиниот прв престој во САД.
Иако младите во различни општевствени средини се сооочуваат со различни проблеми, Ќамиле смета дека, сепак, имаат исти грижи - образованието и вработувањето. Таа е оптимист за иднината на Македонија.
„Мислам дека Македонија со сите чекори и напредок во последните години, за десет години ќе биде дел од Европската унија и ќе биде на исто ниво со другите европски земји“, се надева матурантката од Средното медицинско училиште во Скопје.
Иницијативата „Бенџамин Франклин“ постои веќе шест години и е инспирирана од филозофијата на американскиот државник и дипломат кој се залагал за верска толеранција, социјална мобилност и слобода на изразувањето.
На Ќамиле и нејзините колеги им преостануваат уште 15-тина дена престој во САД. Вели дека ќе работи на реализација на нејзиниот сон и сонот на нејзината генерација – светот да биде подобро место за живеење.