„Јас сум горд што доаѓам од Македонија и од моето мало село Октиси. Јас сум многу горд што сум пораснал во така мало село“, вели Бени Османоски, кик-боксер.
Османоски, неодамна беше прогласен за најдобар кик-боксер на градот Биел во Швајцарија за 2022 година. Наградата што ја добива петти пат му ја додели швајцарската министерка за спорт и градоначалникот на Биел.
„Наградата ми значи многу, бидејќи е нешто што не се добива секој ден и не е нешто што една борба ќе победите, туку треба да се докажувате преу цела година и цело време. Треба да бидете само јак спортист или јак кик боксер, треба да бидете пример за спортот, треба да бидете дисциплиниран. Јас сум спортист не само во рингот, туку сум спортист и надвор од рингот и сум пример за многу кик боксери не само во Швајцарија и во целиот свет“, вели Османоски.
Неговата колекција со трофеи, постојано се зголемува и покрај силната конкуренција, со која се бори во рингот. Само во Швјацарија има повеќе од 300 професионални кик боксери.
„Имам 74 професионални мечеви од кои на 65 сум победил. Имам 6 светски титули, 4 европски и 4 швајцарски титули, а во мојата држава многу малку се споменува. Но јас каде и да се борам, секаде каде што се борам, се борам под македонско знаме и ја претставувам мојата држава. Јас сум државјанин на Швајцарија, но ја застапувам мојата земја Македонија со гордост“, вели Османоски.
Минатата година по шестти пат ја одбрани светската титула до 83 килограми во кик-бокс. Се бори и во категоријата К1, како и во тај-бокс, каде покрај раце во борбата можат да се користат и нозе.
„За прв пат во 2015 година добив покана да се борам за светскиот појас, кој го освоив и ден денес го бранам. Оваа година само што е започната и се надевам дека и оваа година ќе го одбранам, во категоријата до минус 83 килограми во WHU во кик-бокс“, објаснува Османоски.
Првите чекори ги прави во 2009-та година, најпрво како аматер, за потоа да премине во професионалните води. Сè почнало во Струга, кога по еден месец тренинг ја имал првата аматерска борба, која ја добил за само 18 секунди со нокаут.
За кик-боксот вели дека за него значи живот, а за спортот дека го научил на дисциплина и почит кон она што другите го прават. Плановите му се настанот каде ќе ја брани светската титула, да се одржи во неговата родна Струга, ова лето.
Facebook Forum