Линкови за пристапност

Њујорк Тајмс: Неуспешни разузнавачки напори во Бенгази


Весникот пишува дека по месеци на истрага, нема докази кои ја поврзуваат ал-Каида со нападот на американското претставништво во Либија во 2012-та.

Водечки американски весник вели дека американските разузнавачки напори во Либија кои биле фиксирани на ал-Каида најверојатно придонеле за убиството на американскиот амбасадор во Либија во 2012-та.

Њујорк Тајмс викендов објави дека не биле најдени никакви докази, по месеци на истрага, дека ал-Каида или која било меѓународна терористичка група имала некаква улога во нападот на американскиот конзулат во Бенгази во кој беше убиен амбасадорот Кристофер Стивенс и тројца други Американци.

Весникот кажа дека „фиксацијата“ врз ал-Каида можно е да го одвлекла вниманието на стручњаците за разузнавање од „понепосредни закани“ вклучувајќи ги и локалните анти-западни паравоени лидери како Ахмед Абу Катала и лутата реакција на видео направено во Америка во кое се деградира Исламот.

Њујорк Тајмс кажа дека лидерите на нападот биле борци кои директно имале корист од екстензивната кампања на НАТО и логистичка помош за време на востанието против Полковникот Моамар Гадафи.

Извештајот на новинарот Дејвид Киркпатрик е заснован на екстензивни интервјуа со Либијци во Бенгази кои имаат директни сознанија за нападот во кој разлутена толпа уби четворица Американци.

Веднаш по нападот, администрацијата на Обама кажа дека смртта на Американците резултирала во анти-западни демонстрации кои излегле од контрола. Но администрацијата на Обама дојде под силна критика од републиканците во Конгресот за нивниот наводен пропуст да го открие и спречи нападот, за кој републиканците веруваа дека бил испланиран од ал-Каида за одбележување на годишнината на нивните напади врз САД на 11 септември 2001-ва. Многумина републиканци особено ја обвинуваа тогашната државна секретарка Хилари Клинтон.
XS
SM
MD
LG