Линкови за пристапност

Бектеши: Ќе ги замрзнеме цените доколку трговците почнат со поскапувања


Бектеши најави казни но и затварање на ланци маркети доколку трговците неосновано ги покачат цените во периодот од шест месеци до имплементација на Законот за забрана на нефер трговски практики. Тој ги повика производителите да не склучуваат договори под притисок со трговците и со маржи до 30 отсто

СКОПЈЕ – Замрзнување на цени, насочени мерки кон одредени ланци маркети и трговци, казни но и затварање. Ова се мерките кои ги најави министерот за економија Крешник Бектеши. Инфлацијата е под контрола а трошоците кои влијаат на цените се намалени и затоа трговците немаат основ за да ги покачат цените.

„Ако во случај имаме големо зголемување на цените посебно на основните прехранбени производи секако дека ќе и предложиме на Владата мерки со цел да се ублажи , но јас верувам во општествената одговорност на трговците и големите ланци на маркети. Тоа може да биде замрзнување на цени, услови кои им се дадени од министерството за економија на одредени трговци а крајната мерка е затварање на одредени ланци на супермаркети кои би извршиле злоупотреби“, изјави министерот Бектеши.

Тој побара од производителите да не подлегнуваат на притисокот на одредени трговци, кои во вакуумот до практичната примена на Законот за нефер практики, ги уценуваат со маржи до 30 отсто.

„Сакам јавно да ги повикам домашните производители да не паѓаат на такви финти на одредени доминантни ланци супермаркети. Јас не можам да одам поединечно кај секој домашен производител и да му кажам да не го прифати тој договор или тие услови бидејќи тоа е мешање во нивните односи и политики. И производителите со трговците односите ги средуваат сами. Има законска рамка по која треба да работат и тоа не треба да се злоупотреби“, рече Бектеши.

Кога станува збор за листата на прехранбени и земјоделски продукти за кои маржата ќе биде ограничена до 10 отсто Бектеши соопшти дека е изготвена и доставена до стопанските комори и бизнис заедницата и дека чекаат повратни информации од нив во наредните десет дена дали се согласуваат или дали има производи кои сметаат дека треба да се додадат или тргнат од листата за потоа да може да ја заклучат.

„Во однос на листата на производи која произлегува од Законот за забрана на нефер трговски практики. Листата е подготвена и има над 2.500 производи земјоделски и прехранбени и истата веќе е доставена до стопанските комори. Најверојатно најдоцна за 10 дена ќе имаме фидбек и нивни предлози и сугестии и како министерството за економија ќе ја усвоиме листата и согласно таа листа секако дека сите чинители во делот на трговијата почнувајќи од производителите до трговците на мало треба да ги усогласат нивните договори и тоа да влијае врз намалување на цените на домашниот пазар“, изјави Бектеши.

Во средата едногласно со 82 гласа ЗА во Собранието беше усвоен Законот за забрана на нефер трговски практики. Со овој закон треба да се стави ред во цените на овошјето зеленчукот и прехранбените производи и да се спречи самоволието на трговците и добавувачите. На првите ефекти од овој закон граѓаните ќе мора да причекаат неколку месеци бидејќи трговците односно добавувачите имаат рок до средината на септември да се усогласат со одредбите во законот.

Во законот се наведени 26 нефер практики, казните се движат и до 20 илјади евра и се забранува на трговците да им наплаќаат на добавувачите за внесување нов производ на пазарот, за преуредување на продавниците или за отворање нови, да ги условуваат со компензација или да им забранат да им продаваат земјоделски и прехранбени производи на други продавачи по пониска цена.

XS
SM
MD
LG