Линкови за пристапност

Бубачките во душеците на креветите развиваат отпорност


Научниците откриле дека овие бубачки почнуваат да не реагираат на инсектицидите

Ситните и често невидливи за човечко око, бубачки што живеат во душеците на креветите се не само грди суштества што цицаат крв, туку и стануваат отпорни на повеќето инсектициди коишто се користат за нивно уништување.

Во најновата студија објавена во Журналот за медицинска ентомологија, научниците од Вирџинија тек и универзитетот на сојузната држава Ново Мексико, велат дека прекумерната употреба на комерцијалните хемикалии, придонела за создавање на отпорност кај овие мали животинки.

„Сите сакаме моќно средство за справување со овие бубачки, но се чини дека ја губиме битката. Хемикалиите не се толку ефикасни колку што се надеваме да бидат. Луѓето трошат многу пари на средства што не функционираат“, вели Трој Андерсон, асистент-професор по ентомологија при колеџот Вирџинија Тек.

Научниците разгледувале група пестициди кои честопати се употребуваат, а коишто се наречени неоникотиноиди. За уништување на бубачките во душеците тие често се употребуваат во комбинација со инсектициди од групата пиретроиди.

За да го утврдат нивото на отпорност кај овие бубачки, научниците земале нивни примероци од неколку локации. Некои биле изложени на неоникотиноиди, а некои биле изолирани во лабораторија, без никакви пестициди. Во друга група, бубачките биле изложени на отров, но не по 2008-та.

Бубачките од неизложената група изумреле откако биле изложени на мала количина инсектициди, додека оние изложени во 2008-та, покажале „умерена отпорност“.

Групата изложена на пестициди имала „мошне поголемо ниво на отпорност“, заклучуваат научниците.

Штом ќе се изложат на неоникотиноиди, бубачките во душеците на креветите произведуваат „ензими за детоксификација“, за да можат да се справат со капацитетот на хемикалиите. Бубачките со поголема изложеност поседуваат повеќе ензими споредено со нивните подложни еквиваленти.

Токму овој податок, додаваат научниците, можно е да значи дека треба да се бараат други начини да се спречи ширењето на овие инсекти.

Професорот Ромеро истакнува дека штом ќе биде регистрирана отпорност, треба да се разгледа можноста од употреба на средства со различно дејство, заедно со методи кои не вклучуваат хемикалии.

XS
SM
MD
LG