Бо Бајден, поранешен главен правобранител во сојузната држава Делавер, почина во саботата на 46-годишна возраст, откако ја загуби битката со рак на мозокот. Тој беше најстар син на потпретседателот Џо Бајден, а една година служеше во американската армија во Ирак.
Потпретседателот Бајден преку соопштение за јавноста кажа дека со скршени срца семејството ја соопштува веста за смртта на Бо Бајден, сопруг, брат и син, додавајќи дека ја водел битката со ракот со ист интегритет, храброст и сила, каква што покажувал секојдневно во животот.
„Знаеме дека духот на Бо ќе живее во целото наше семејство, особено преку неговата храбра сопруга Хали и двете неверојатни деца, Натали и Хантер“, додаде американскиот потпретседател.
„Беше пример за сите нас“, истакна Бајден. „Го докажа она што мојот татко го велеше – дека родителот знае дека успеал како родител, кога неговото дете ќе постигне повеќе од него“.
Претседателот Барак Обама по веста истакна дека со првата дама Мишел тагуваат и се молат за Бо Бајден и за утеха за неговото семејство.
Претседателот додаде дека Бо бил добар човек, со големо срце и голем католик.