Линкови за пристапност

Американскиот главен правобранител го бранеше распоредувањето на федерални сили во Портланд


Американскиот главен правобранител Вилијам Бар денеска цврсто го бранеше испраќањето на стотици федерални агенти во северозападниот град Портланд, Орегон и на други места со цел смирување на насилните протести.

Опозиционите демократски законодавци го обвинија дека ги крши граѓанските права на Американците да демонстрираат и презема активности за поддршка на реизборот на претседателот Доналд Трамп во ноември.

На напнато сведочење пред Комисијата за правосудство на Претставничкиот дом, Бар рече дека смртта кон крајот на мај на Џорџ Флојд во полициски притвор во Минеаполис, Минесота, е „ужасен“ настан кој поттикна неопходно преиспитување на односот меѓу спроведувањето на законот и Афроамериканците во САД.

Но, Бар рече дека тековните протести во Портланд и на други места не се повеќе поврзани со смртта на Флојд.

„Во голема мерка од овие сцени на уништување отсутни се дури и површни обиди немирите да ги поврзат своите активности со смртта на Џорџ Флојд или да упатат каков било легитимен повик за реформа“, вели Бар.

Претседателот на комисијата, демократскиот конгресмен Џеролд Надлер, рече дека Бар испланирал сеење страв низ целата држава со испраќање трупи во Портланд, против опозицијата на државните и локалните власти.

Бар одговори: „Во Портланд, судот е нападнат“, додавајќи подоцна, „Ние сме да го штитиме судот и не сакаме да создадеме проблеми. Ако државата го заштитеше, ние немаше да бидеме таму“, рече Бар.

Надлер во својата воведна изјава рече: „Ние ја гледаме целосната сила на сојузната влада против граѓаните кои демонстрираат за унапредување на нивните граѓански права. Без преседан е Министерството за правда активно да бара конфликт со американски граѓани, под таков мрачен изговор или за вакви ситни цели“.

Во Портланд дојде до судири меѓу демонстрантите и федералните сили, при што ситуацијата ескалираше.

Градоначалникот на Портланд, Тед Вилер побара од Конгресот да се ограничи употребата на федералните сили.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG