Освен гласањето за претседател, гласачите во 35 сојузни држави во САД одлучуваа за повеќе од 150 прашања од политиката, меѓу кои легализација на рекреативната употреба на марихуана и ограничување на пристапот до оружје и муниција. Гласачите одлучуваа дали минималната плата да биде задолжителна и дали актерите во порнографската индустрија да користат кондоми.
Користење на марихуана
Гласачите во Флорида ја легализираа медицинската марихуана, со тоа правејќи ја 26-та сојузна држава да дозволи користење на канабисот во некои здравствени случаи. По слична мерка позитивно се гласаше и во Северна Дакота и Арканзас. По истата мерка, гласовите во Монтана се` уште се бројат.
Калифорнија и Масачусетс гласаа за легализирање на марихуаната за лицата постари од 21 година. Мејн е на пат да усвои иста мерка.
Контрола на оружјето
Калифорнија која веќе ги има едни од најстрогите закони за оружјето, одобри мерка која ќе ја замени досегашната законска можност за поседување на шаржери за муниција со голем капацитет.
Во сојузната држава Вашингтон гласачите одобрија иницијатива со која преку судска одлука може времено да се забрани поседување на оружје на лица со ментални проблеми, кои се опасни за себе и околината.
Минимална плата
Гласачите во Аризона и Колорадо одобрија мерка за минимална плата од 12 долари на час, која треба да се спроведе до 2020-та година. Гласачите во Мејн најверојатно одброиле слична мерка. Федералниот минимум е 7.25 долари на час.
Необични мерки
Калифорнија ја отфрли мерката со која се задолжуваат актерите во порнографската индустрија задолжително да носат кондоми при снимањето филмови.
Гласачките во главниот град Вашингтон на референдум се изјаснија американскиот главен град да постане 51-ва сојузна држава на САД. Тие се надеваат дека тоа ќе стави притисок врз следниот Конгрес и претседател да го разгледаат прашањето.