Линкови за пристапност

Во исчекување на одлуките од Брисел


На вонредниот самит, ЕУ со одлука за затворање на Балканската бегалска рута?

„На македонско - грчката граница проверките на условите за влез на хуманитарна основа се вршат согласно националното законодавство и заеднички критериуми договорени меѓу земјите на рутата. Проверките и профилирањето го вршат мешани тимови, составени од полициски службеници на сиtе држави на рутата. Ирак и Сирија ги сметаме за небезбедни земји, но доколку некоја од земјите на рутата воведе нови ограничувања, ќе бидеме принудени да ја разгледаме можноста за нивна промена и на македонско - грчката граница, вклучувајќи ја и забраната за влез на мигранти од одредени подрачја“, соопштија денес од МВР, по објавувањето на медиумски извештаи, според кои, наводно претставници на УНХЦР во Грција, изјавувале дека македонската полиција вовела уште позаострена контрола, дури и врз бегалците од Сирија и Ирак, во зависност од проценката за опaсноста која владее во областите од кои потекнуваат бегалците.

Денешниот ден поминува во исчекување на одлуката на челниците на ЕУ од вонредниот Самит во Брисел, посветен на мигрантската криза, на кој 28 земји-членки на ЕУ и Турција треба да договорат мерки за намалување на бранот бегалци. Македонските медиуми ги пренесоа вестите дека на самитот се очекува конфронтација на ставовите на државите од Вишеградската група - Чешка, Словачка, Полска и Унгарија, кои се за затворање на Балканскиот коридор, и ставовите на Германија и Грција, како и na претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, кои го бранат ставот дека коридорот мора да остане отворен колку што е можно подолго.

Иако во дел од медиумите беа цитирани неименувани странски извори дека Брисел може да донесе одлука за затворање на балканската бегалска рута, попладнево беше објавена веста дека портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел, изјавил дека се шпекулации медиумските вести за можното затворање на балканската рута, се додека траат преговорите. Според дел од македонските медиуми, очекувањата од бриселскиот самит се дека напливот на бегалци ќе се намали со зголемување на помошта за Грција, со добар дел од 700 милиони евра обезбедени за хуманитарни активности и со убедување на турските власти за прифаќање на лицата кои не исполнуваат услови за азил. Во тој контекст се и вестите дека на самитот, турскиот премиер Давутоглу изнел нов предлог за справување со кризата, но нема информации какво е барањето на Турција за противуслуга кон ЕУ: дали само укинување на визите, или и конечно членство во ЕУ, проследено и со замижување на Брисел за случаите на кршење на човековите права во Турција. Секако, секоја одлука на денешниот самит, ќе треба да биде потврдена на следиот Самит на Европскиот совет закажан за 17 и 18 март овој месец во Брисел.

И Грција и Македонија и Србија, очекуваат да се намали притисокот врз нив, зашто со транзит преку Балканот, минатата година, во западните држави на ЕУ пристигнале околу 880.000 бегалци, а од почетокот на годинава уште 128.000. Македонија сето време се залага за координирани напори на ЕУ и на земјите од балканската рута за гранична контрола, за договорен проток на бегалците, како пат до изнаоѓање сеопфатно европско решение.

Но, според денешните новинарски извештаи од кампот крај Идомени во Грција, на грчко-македонската граница, по три недели маки за илјадниците „заробени“ бегалци, хуманитарната катастрофа е на повидок, а луѓето кои потекнуваат и од државите од кои досега беа пропуштани бегалци - Сирија и Ирак, но и Авганистан, се заробени во кампот и разочарани од политиката на земјите и од Балканската рута и од ЕУ. Според неофицијалните најави, во грчкиот камп Идомени, во кој во очајни услови веќе има над 15.000 лица, во четврток во посета ќе дојде американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд, како дел од напорите и на САД, во соработка со ЕУ, да се избегне она на што посочуваше и грчкиот премиер Ципрас, „Грција да не стане магацин на души“.

Поради катастрофалната ситуација во Идомени, грчкиот заменик-министер за одбрана Димитрис Вицас, кој е одговорен за бегалската криза, уште неделава Грција ќе обезбеди капацитети за сместување на дополнителни 16.000 бегалци и мигранти, а се планира отворање на уште еден бегалски центар во близина на границата меѓу Грција и Македонија.

Паралелно со напорите на Грција и на Македонија, албанската влада потпиша договор со Владата на Италија за испраќање на полициски и воени специјалци во Албанија за помош на албанските сили во спречувањето нелегални влегувања на бегалците и економските мигранти, кои се засилија по австриското барање за засилени рестриктивни мерки на балканската бегалска рута.

Од друга страна, Македонија се соочува и со проблемот на вратените лица кои веќе еднаш транзитирале преку нејзината територија на пат кон земјите од ЕУ, бегалци кои се вратени од Србија, Хрватска и од Словенија. На српско-македонската граница, во кампот Табановце, има над илјада, а во Гевгелија околу стотина, главно државјани на Ирак.

XS
SM
MD
LG