Претседателот на САД Џо Бајден, неодамна, ги повика лидерите на Србија и Косово да ги нормализираат односите преку „меѓусебно признавање“.
Писмата, кои Бајден ги испрати до двајцата лидери, укажуваат на промена на политиката на поранешниот претседател Доналд Трамп, чија администрација се обиде да го стави настрана проблемот околу признавањето, повикувајќи на економска соработка, како начин да се изгради доверба меѓу Србија и нејзината отцепена провинција.
Проблемот, кој е апстрактен за многу Американци, има специјално значење за Бајден, чиј починат син Бо во минатото бил правен советник во Косово.
Додека беше потпретседател на САД, Бајден го посети Косово во 2016 година, и присуствуваше на церемонија за именување на автопат во чест на Џозеф Р. Бо Бајден.
Аналитичарите велат дека Бајден сигнализира оти неговата администрација планира да биде поинволвирана во прашањата важни за европските сојузници на Америка.
„Во новиот американски претседател имате некој што ќе биде ангажиран во европската безбедност, и конкретно на Балканот, на начин на кој претседателот Трамп не беше“, рече Чарлс Капчан од Советот за надворешни работи, додавајќи дека верува оти „тоа генерално се добри вести, и мислам дека ќе го видите да работи одблизу со Европската Унија“.
Френк Виснер, пензиониран американски амбасадор, кој беше специјален претставник во разговорите поддржани од Обединетите нации, кои доведоа до косовската декаларација за независност во 2008 година, вели дека позицијата на Бајден е вкоренета во идејата дека Европа ќе биде цела и слободна, и оти внатрешните прашања што ја делат Европа ќе бидат решени.
Тој рече дека целта на Америка е „Косово и Србија да постигнат разбирање и Србија да ја признае независноста на Косово“
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно одговори на писмото на Бајден, велејќи дека нема промена во српското одбивање да го признае Косово.
И Албин Курти, лидер на партијата Самоопределување, која победи на парламентарните избори на 14 февруари, рече дека преговорите со Србија нема да бидат приоритет за неговата Влада.
Facebook Forum