Граѓаните на Југоисточна Европа генерално се попозитивни во однос на иднината отколку кон моменталната состојба. Ова се сугерира од резултатите на четвртото по ред истражување „Балкански барометар 2018,“ изработено од Регионалниот совет за соработка со седиште во Босна и Херцеговина.
Во периодот од 2014 до 2017-та година, „Индексот на мислење на јавноста“ се искачил од 35 на 42 поени, што претставува охрабрувачки тренд и за следните години.
Извештајот промовиран во Брисел покажува дека подобрената оценка кај испитаниците за животот, работата и финансиите директно се поврзува со подобрената економија во регионот. Исклучок е Македонија, каде релативно позитивната оценка се поврзува со чувството на олеснување по завршувањето на долготрајната политичка криза.
Невработеноста се` уште се смета за најважен проблем со кој се соочува Југоисточна Европа, иако бројот на оние што ја идентификуваат како клучна загриженост паднал од 67 проценти во 2015-та година на 63 проценти во 2017-та година.
Македонците најмногу ги загрижува политичката нестабилност, а веднаш потоа следи економијата и одливот на мозоци.
Македонија во регионални рамки се издвојува во однос перцепцијата за стабилност на работните места. Седумдесет и пет проценти од испитаниците рекле дека имаат стабилна работа во следните 12 месеци, сепак 35 проценти од испитаниците рекле дека истражуваат можности за работа во странство.
Во однос на бенефициите од регионалната соработка, испитаниците од Албанија, Косово и Македонија се изразиле позитивно, додека кај граѓаните на Србија регионалната соработка котира многу ниско.
Поддршката за европската интеграција во регионот останува силна, освен во Србија каде бројот на неутрални испитаници е поголем од оние кои ја поддржуваат.
Истражувањето било спроведено врз 6000 испитаници во Албанија, Македонија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Facebook Forum