Американскиот претседател Џо Бајден е во Хелсинки за да се сретне со лидерите од нордиските земји и да го пофали пристапот на Финска во НАТО.
Распоредот на Бајден вклучува посебна средба со финскиот претседател Саули Ниинисто пред поголемиот собир на кој се вклучени шведскиот премиер Улф Кристерсон, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, данската премиерка Мете Фредериксен и премиерката на Исланд Катрин Јакобсдотир.
Агендата на американско-нордискиот самит се очекува да вклучи дискусија за климатските промени, безбедносната соработка и новите технологии.
Финска и Шведска побараа членство во НАТО како одговор на руската инвазија на Украина минатата година.
Алијансата ја прими Финска во април, но кандидатурата на Шведска беше задржана од Турција поради турските поплаки дека Шведска е премногу попустлива кон групите кои Анкара ги смета за терористички организации.
По повеќе рунди разговори и шведското усвојување на реформите кои вклучуваат нов закон за борба против тероризмот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оваа недела рече дека ќе се откаже од своето противење и ќе препорача турските пратеници да дадат одобрение Шведска да влезе во НАТО.
Останатите учесници на разговорите во четврток се сите членки на НАТО.
Некои информации за овој извештај дојдоа од агенцијата Франс прес и Ројтерс