Линкови за пристапност

Бајден рече дека имал делумна заслуга за ослободувањето заложниците од Хамас


По стапувањето на сила за примирјето меѓу Израел и Хамас во Газа, претседателот Џо Бајден денеска презеде делумна заслуга за преговараното ослободување на заложниците од Хамас и ослободувањето на затворениците од страна на Израел, велејќи дека тоа е „резултат на обемната американска дипломатија“.

Претседателот рече дека тој и неговиот тим со недели работат за прекин на огнот, притискајќи да се дозволи хуманитарна помош во Газа и да се ослободат киднапираните заложници.

Американскиот претседател им се заблагодари на Катар, Египет и Израел за договорот што доведе до ослободување на некои од заробените.

„Тоа е само почеток, но досега помина добро“, рече Бајден.

Забелешките на Бајден од Масачусетс, дојдоа неколку часа по почетокот на планираниот четиридневен прекин на огнот по седум недели војна.

„Реални се шансите“ за продолжување на привременото запирање на војната, рече Бајден во денешната изјава. Тој додаде дека меѓу исчезнатите остануваат две Американки и едно 4-годишно американско дете.

За Израелците, прекинот на воените дејствија со посредство на Катар значи дека некои од 240-те заложници што Израел вели дека биле киднапирани од Хамас во нападот без преседан во Израел на 7 октомври, сега се враќаат дома.

24 заложници, меѓу кои 13 израелски жени и деца, на возраст од 2 до 85 години, беа ослободени вечерва. Дополнително, Хамас ослободи 10 тајландски државјани и еден Филипинец.

Во меѓувреме, израелската влада ослободи 39 палестински жени и малолетници кои беа затворени или приведени.

„Тимовите на Меѓународниот комитет на Црвениот крст денеска започнаа со спроведување на повеќедневна операција за олеснување на ослободувањето и трансферот на заложниците држени во Газа како и на палестинските затвореници на Западниот Брег. Операцијата ќе опфати и испорака на дополнителна хуманитарна помош во Газа“, се вели во соопштението на МКЦК за четиридневното примирје со посредство на Катар.

Според договорот за прекин на огнот, Израел ги паузира нападите врз Газа на четири дена.

Израел соопшти дека четиридневното прекинување на борбите ќе биде продолжено за еден дополнителен ден за секои 10 дополнителни заложници ослободени од Хамас. Портпаролот на Катар рече дека Доха се надева дека ќе постигне нов договор за ослободување на повеќе заложници од Газа до четвртиот ден од примирјето.

XS
SM
MD
LG