Линкови за пристапност

Бајден потпиша наредба за забрана на одредени технолошки инвестиции во Кина


Претседателот на САД Џо Бајден денес потпиша извршна наредба која ќе забрани одредени американски инвестиции во чувствителна технологија во Кина и ќе бара известување од владата за финансирање во други технолошки сектори.

Долгоочекуваната наредба го овластува американскиот секретар за финансии да забрани или ограничи одредени американски инвестиции во кинески субјекти во три сектори: полуспроводници и микроелектроника, квантни информациски технологии и одредени системи за вештачка интелигенција.

Бајден во писмо до Конгресот рече дека прогласува национална вонредна состојба за да се справи со заканата од напредок од страна на земји како Кина „во чувствителните технологии и производи клучни за војската, разузнавањето, надзорот или способностите овозможени од сајбер“.

Предлогот таргетира инвестиции во кинески компании кои развиваат софтвер за дизајнирање чипови и алатки за нивно производство.

САД, Јапонија и Холандија доминираат на тие полиња, а кинеската влада работи на изградба на домашни алтернативи.

Овој потег може да ги поттикне тензиите меѓу двете најголеми светски економии, иако американските официјални лица инсистираа дека забраните се наменети за справување со „најакутните“ ризици за националната безбедност, а не за раздвојување на меѓусебно зависните економии на двете земји.

Лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер, ја пофали наредбата на Бајден, велејќи дека „премногу долго американските пари помогнаа да се поттикне подемот на кинеската војска. Денес САД преземаат стратешки прв чекор за да се осигураат дека американските инвестиции нема да одат за финансирање на кинеското воено напредување“.

Тој вели дека Конгресот мора да ги внесе ограничувањата во законот.

Републиканците рекоа дека наредбата на Бајден не отишла доволно далеку.

Претседавачот со Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом Мајкл Мекол, го пофали потегот за ограничување на новите појдовни инвестиции во Кина, но рече дека „неуспехот да се вклучат постојните технолошки инвестиции, како и секторите како биотехнологијата и енергијата е загрижувачки“.

Наредбата има за цел да го спречи американскиот капитал и експертиза да помогнат во развојот на технологии кои би можеле да ја поддржат воената модернизација на Кина и да ја поткопаат националната безбедност на САД.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG