Линкови за пристапност

Бајден потпиша буџет вреден 1,2 трилиони долари


Американскиот претседател Џо Бајден во саботата го потпиша законот за буџетот вреден 1,2 трилиони долари, ставајќи крај на заканата од потенцијално делумно затворање на владата.

Претседателот Бајден го потпиша законот неколку часа откако мерката беше одобрена од конгресните законодавци по неколкумесечни тешки преговори.

Иако законот го финансира Одделот за одбрана на САД, заедно со други агенции, тој не содржи 95 милијарди долари безбедносна помош за Украина, Израел и Тајван.

Таа посебна мерка помина во Сенатот, но не и во Домот, каде што некои републиканци се двоумат да продолжат да ја поддржуваат Украина во нејзината борба против руската инвазија.

Демократската претставничка Медлин Дин беше прашана од украинската служба на Гласот на Америка дали нејзината партија ќе продолжи да врши притисок врз републиканците да го изнесат законот на гласање.

„Сметам дека е крајно неамериканско што нема да продолжиме да го поддржуваме нашиот пријател (Украина) и нејзината демократија. На крајот на краиштата, вие сте млада демократија, но сте во таква храбра борба и покажувате таква храброст. Овде, во Америка, мораме да ја усогласиме вашата храброст со ресурсите“, изјави демократската претставничка од Пенсилванија, Медлин Дин.

Но, некои законодавци од Републиканската партија, како претставникот Енди Бар, ја поддржуваат помошта - иако тој го критикува тековниот пристап на претседателот Џо Бајден да ја бара Русија одговорна.

„Сепак, јас, исто така, верувам дека на администрацијата на Бајден и треба подобра стратегија кога станува збор за помагање на Украина да победи во војната, а сегашната стратегија на Бајден за санкции е слаба и не е дизајнирана да го лиши Путин од финансирањето што тој го користи за финансирање на војната. Има огромна дупка во санкциите”, вели републиканецот од Кентаки, Енди Бар.

Демократите во Претставничкиот дом собираа потписи за таканаречената петиција за ослободување што ќе ги обиколи републиканците и ќе принуди да се гласа за пакетот за безбедносна помош од 95 милијарди долари.

XS
SM
MD
LG