Линкови за пристапност

Бајден ќе го посети Израел додека расте хуманитарната криза во Газа


Државниот секретар Блинкен рече дека е „клучна“ помошта која почнува да тече во Газа, која е под опсада 10 дена
Државниот секретар Блинкен рече дека е „клучна“ помошта која почнува да тече во Газа, која е под опсада 10 дена

Американскиот претседател Џо Бајден ќе замине за Израел во среда, додека расте хуманитарната криза во Појасот Газа пред очекуваната копнена инвазија на израелските сили.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби за новинарите изјави дека Бајден ќе го посети Тел Авив пред да замине за Јордан каде ќе се сретне со кралот Абдула, египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси и претседателот на палестинската управа Махмуд Абас.

Белата куќа соопшти дека Бајден ќе повтори дека милитантната група Хамас не се залага за правото на палестинскиот народ на достоинство и самоопределување и ќе разговара за хуманитарните потреби на цивилите во Газа.

„Претседателот ќе слушне од Израел како ќе ги спроведе своите операции на начин што ќе ги минимизира цивилните жртви и ќе овозможи хуманитарната помош да дојде до цивилите во Газа на начин што нема да биде од корист на Хамас“, рече американскиот државен секретар Антони Блинкен по средба со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Блинкен рече дека САД и Израел се согласиле да развијат план „кој ќе овозможи хуманитарна помош од државите донатори и мултилатералните организации да стигне до цивилите во Газа - и само до нив“.

Тој рече дека е од клучно значење помошта да почне да тече во Газа што е можно поскоро, но изрази загриженост дека милитантите на Хамас може да се обидат да ги запленат залихите или да ја спречат нивната дистрибуција.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан во вторникот изјави дека Турција разговарала со претставници на Хамас за ослободување на речиси 200 луѓе кои милитантите ги зеле како заложници.

Фидан рече дека многу земји побарале од Турција да помогне во обезбедувањето ослободување на нивните граѓани. Неговите коментари дојдоа еден ден откако тој разговараше со лидерот на Хамас Исмаил Ханије.

Тешка хуманитарна криза

Палестинците во Газа се без струја и под целосна израелска опсада без храна, гориво или вода на територијата контролирана од Хамас од 9 октомври. Израел ја воведе блокадата како одговор на смртоносниот терористички напад што Хамас го започна врз израелските градови на 7-ми октомври, во кој загинаа повеќе од 1.400 Израелци.

Израел собра 300.000 војници на границата со Газа, подготвени за веројатна копнена инвазија, бидејќи вети дека ќе го уништи Хамас.

Израелските сили ја погодуваат Газа со воздушни напади по нападот на Хамас, при што загинаа повеќе од 2.800 луѓе, а ранија уште најмалку 10.000, според Министерството за здравство на Газа.

Стотици илјади жители на Газа ги послушаа наредбите на Израел да ја евакуираат северна Газа за јужната половина на Појасот пред очекуваната офанзива.

Кралот Абдула предупреди во вторникот дека туркањето на палестинските бегалци во Јордан или Египет не е опција, бидејќи повика да се направи се што е потребно за да се спречи понатамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Палестинците.

„Ова е ситуација што треба да се справи во Газа и на Западниот Брег“, рече тој.

„И не мора да го спроведувате ова на рамениците на другите“, рече кралот Абдула.

Жулиет Тума, портпарол на агенцијата на ОН која им помага на Палестинците, УНРВА, во понеделникот рече дека нема вода за огромното мнозинство од населението во Газа.

Тума рече дека околу 1 милион Палестинци побегнале на југ и речиси 400.000 од нив се засолнети главно во училиштата на УНРВА.

Обединетите нации соопштија дека шефот за хуманитарна помош Мартин Грифитс ќе замине за Египет во вторник на неколку дена. Тој исто така планира да го посети Израел.

Резолуцијата подготвена од Русија со која се бара хуманитарен прекин на огнот и ослободување на сите израелски и странски заложници не ја доби потребната поддршка на гласањето во Советот за безбедност на ОН доцна во понеделникот.

Само пет од 15 членови на Советот ја поддржаа мерката, четворица гласаа против, а шест беа воздржани.

САД беа меѓу оние кои не го поддржаа. Амбасадорката Линда Томас-Гринфилд рече дека цивилите не треба да страдаат за злосторствата на Хамас, но рече дека предложениот текст не ја осудил терористичката група.

„Со неуспехот да го осуди Хамас, Русија ѝ дава покритие на терористичката група која брутално ги извршува невините цивили“, рече таа.

„Тоа е срамота, лицемерно е и неодбранливо“, истакна Томас-Гринфилд.

Северен фронт

Постојат стравувања дека борбите би можеле да се прошират до границата на Израел со Либан, каде што милитантната група Хезболах, поддржана од Иран, рече дека нејзините борци цели на пет израелски пунктови долж јужната граница на Либан.

Израелските воздухопловни сили во вторникот соопштија дека нападнале „терористички цели и воена инфраструктура“ на Хезболах во Либан како одговор на милитантниот оган кон Израел.

Израелските војници убиле и четворица милитанти кои се обидувале да преминат во Израел од Либан, соопшти војската во вторникот.

Говорејќи пред израелскиот Кнесет во понеделникот, израелскиот премиер Нетанјаху ги предупреди Иран и Хезболах: „Не нè тестирајте на север. Не правете ја грешката од минатото. Денес цената што ќе ја платите ќе биде многу потешка“, тој рече, мислејќи на војната на Израел со Хезболах во 2006 година.

Обединетите нации имаат мировна мисија во јужен Либан, која ја надгледува границата со Израел. Во понеделникот соопшти дека е погодено нејзиното седиште во либанскиот град Накура; никој не е повреден.

Маргарет Бешер од Обединетите нации придонесе за овој напис. Некои информации за овој напис дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG