Договорот за обезбедување лидерство меѓу САД и Велика Британија во критичните и новите технологии, вклучувајќи вештачка интелигенција, економска безбедност, дигитална трансформација и транзиција на чиста енергија, беше објавен во четвртокот од претседателот Џо Бајден за време на посетата на британскиот премиер Риши Сунак.
"Денеска имавме навистина добра дискусија за нашите економски односи и започнавме преговори за критични материјали и договор за справување со климатската криза", изјави американскиот претседател, Џо Бајден.
Таканаречената Атлантска декларација ќе ги намали стратешките зависности од противничките сили, рече Сунак.
“Земјите како Кина и Русија се подготвени да манипулираат и да ја искористат нашата отвореност, да ја украдат нашата интелектуална сопственост, да користат технологија за авторитарни цели или да ги повлечат клучните ресурси како енергијата. Нема да успеат”, рече премиерот на Велика Британија, Риши Сунак.
Сунак е под домашен притисок за сеопфатен договор за слободна трговија со САД што неговата партија го вети во 2019 година. Но, нема поддршка од Конгресот на САД.
“Она што Британија се обидува да го направи сега е да заборави на сеопфатните прашања за слободна трговија и да тргне по победи, избрани победи кои не мора да поминат низ Капитол Хил”, вели Лесли Винџамури од Кралскиот институт за меѓународни односи Чатам Хаус.
Пред самитот на НАТО во Вилнус, Литванија во јули, средбата меѓу лидерите на двајцата водечки воени донатори на Украина, исто така, има за цел да ја сигнализира посветеноста за поддршка на Киев во одбраната од руската инвазија.
“Ќе го имаме потребното финансирање за поддршка на Украина колку што е потребно”, истакна Бајден.
Во неговата прва посета на Соединетите Држави по преземањето на функцијата, Сунак се сретна и со конгресните лидери, вклучително и со републиканскиот претседател на Претставничкиот дом Кевин Мекарти.
Тој оддаде почит на Гробот на непознатиот војник и застана на бејзбол натпревар.