(АНГОЛА) - Американскиот претседател Џо Бајден денеска од прва рака го посети и виде железничкиот проект финансиран од САД, кој ја спојува неговата лична љубов кон железницата со неговата желба да остави наследство во Африка што ќе ја надживее неговата администрација.
Коридорот Лобито е железничка линија долга 1.300 километри што се протега од Замбија богата со бакар до пристаништето Лобито во југозападната држава Ангола. Железницата треба да формира „стратешки економски коридор“ во рамките на Партнерството за глобална инфраструктура и инвестиции на администрацијата на Бајден, иницијатива која треба да се спротивстави на добро воспоставената кинеска иницијатива „Појас и пат“. Досега, администрацијата на Бајден вели дека има посветено речиси четири милијарди долари за проектот.
Во главниот град на Ангола, Луанда, во вторникот, Бајден го насочи проектот преку неговата љубов кон патничките железници. Како американски сенатор, тој често патувал во Вашингтон од Вилмингтон, Делавер - поминувајќи речиси 340 километри на секое патување, рече тој.
„Морам да ви кажам однапред пред американските медиуми овде, јас сум веројатно најпро-железничкиот човек во Америка“, рече Бајден.
Во средата, тој го обиколи терминалот на пристаништето Лобито и се состана со претседателот на Ангола Жоао Лоренко, претседателот на Демократска Република Конго Феликс Тшисекеди, претседателот на Замбија Хакаинде Хичилема и потпретседателот на Танзанија, Филип Мпанго.
За време на посетата на фабрика за преработка на храна, Бајден ја истакна важноста на коридорот Лобито во извозот на ресурсите, како и регионалната интеграција и развој.
„Ние сме на една од тие преодни точки во светската историја“, рече американскиот претседател, истакнувајќи дека железницата ќе го намали времето на патување низ Африка.
„Сите овие проекти и инвестиции се дизајнирани да имаат големо влијание“, рече тој.
Бајден најави дека САД ќе инвестираат повеќе од 600 милиони долари за надградба на железницата и понатамошен развој на коридорот Лобито.