Американскиот претседател Џо Бајден е способен да ги извршува своите должности како претседател и целосно да ги преземе сите одговорности без исклучок, се вели во резимето на лекарскиот извештај по неговиот годишен систематски преглед.
Бајден, на возраст од 81 година, помина околу два и пол часа во воената болница Волтер Рид во близина на Вашингтон.
„Претседателот Бајден е здрав, фит, силен 81-годишник, кој сè уште може успешно да ја извршува функцијата претседател“, напиша д-р Кевин О’Конор во извештајот по испитувањето.
Се додава дека Бајден „се чувствува добро и дека за време на овогодинешното систематско испитување не се забележани нови проблеми“.
Најстариот претседател во историјата на САД ќе има 86 години на крајот од вториот мандат, доколку го добие. По прегледот минатата година, лекарите рекоа дека Бајден е „здрав, силен и способен да ја врши работата во Белата куќа“.
Но, гласачите се загрижени за возраста на Бајден, а неговите гафови, кашлањето, бавното одење или дури и паѓањето од неговиот велосипед се под лупа.
По враќањето од прегледот, Бајден учествуваше на настан за борба против криминалот и рече дека „нема разлики во однос на прегледот од минатата година“.
Тој се пошегува и за годините и покажувајќи во насока на новинарите рече - „Мислат дека изгледам премладо“.
Поранешниот претседател Доналд Трамп, кој има 77 години и е фаворит за републиканската номинација, беше најстариот американски претседател кога ја презеде функцијата во 2017 година на 70-годишна возраст - но Бајден го надмина.
Неодамна, специјалниот обвинител, кој го истражуваше случајот со доверливите документи пронајдени кај Бајден, во извештајот наведе дека претседателот има проблеми со меморијата, кои ги нарече „замаглени“ или „слаби“ и дека има „значителни ограничувања“. Тој исто така изјави дека Бајден не може да се сети на значајни датуми во неговиот живот - кога ја извршуваше функцијата потпретседател или кога почина неговиот син Бо.
Во тоа време, Бајден им рече на новинарите дека неговото сеќавање е добро и дека е видно лут поради тврдењата дека не знаел кога починал неговиот син. Бо Бајден почина од тумор на мозокот во 2015 година, кога имаше 46 години.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, извести дека д-р О'Конор е еден од 20-те специјалисти кои го испитуваат претседателот и дека тој и рекол дека е „задоволен од тоа како се одвивало се“.
Запрашан дали претседателот исто така бил подложен на когнитивен тест како дел од испитувањето, Жан-Пјер рече дека неврологот на Бајден „не смета дека тоа е неопходно“.
„Тој секојдневно ги положува когнитивните тестови, кога се префрла од една на друга тема, покажува разбирање и за најмалите детали од тие теми“, рече портпаролката на Белата куќа.
„Ова е многу ригорозна работа и претседателот можеше да го прави тоа секој ден во последните три години“, додаде Жан-Пјер.
Минатогодишниот систематски преглед покажа дека состојбата на Бајден не се променила многу од ноември 2021 година: во тоа време, се вели дека повремената кашлица била предизвикана од киселина во желудникот, дека повремената вкочанетост во стапалата била предизвикана од рбетниот артритис, претходна фрактура на стапалото и невропатија.
Белата куќа, исто така, минатото лето објави дека Бајден користи машина за да му помогне со апнеја при спиење, што беше споменато и во извештајот за систематски преглед.
Колоноскопијата извршена врз Бајден во ноември 2021 година откри бениген полип од 3 милиметри, кој подоцна беше отстранет.
Иако многу Американци се загрижени за возраста на Бајден, вклучително и демократските гласачи, Бајден вели дека неговата возраст му донела мудрост - и почнал да го критикува Трамп за неговите гафови.
Трамп има и вербални гафови, меша држави и градови во кои води кампања, го нарекува унгарскиот премиер Виктор Орбан премиер на Турција и редовно погрешно го изговара Хамас - како хумус.
Тој неодамна ја помеша својата партиска ривалка Ники Хејли со поранешната претседателка на Претставничкиот дом на Демократската партија, Ненси Пелоси.
Систематскиот преглед на Трамп од 2019 година покажа дека тој има прекумерна тежина со индекс на телесна маса од 30,4 - така што тој се смета за дебел.
Извор: Асошиетед прес