Американскиот претседател Џо Бајден е домаќин на британскиот премиер Риши Сунак на разговори во Белата куќа во четврток, кои се очекува да ги опфатат економските врски и поддршката на Украина во нејзината одбрана од руската инвазија.
Посетата на Сунак е негова прва посета на Соединетите држави откако стана премиер во октомври, но тој и Бајден веќе се сретнаа три пати оваа година.
“Двајцата лидери ќе разгледаат низа глобални прашања, вклучително и нашето економско партнерство, нашата заедничка поддршка за Украина додека таа се брани од бруталната агресивна војна на Русија, како и понатамошните активности за забрзување на транзицијата на чиста енергија“, им изјави на новинарите во средата портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер
„Претседателот и премиерот ќе разговараат и за заедничкото раководство на САД и Велика Британија за критичните и новите технологии, како и за нашата работа за зајакнување на нашата економска безбедност. Тие, исто така, ќе ги разгледаат случувањата во Северна Ирска како дел од нивната заедничка заложба за зачувување на придобивките од Договорот Белфаст/Велики петок”, соопшти Жан-Пјер.
Пред разговорите во четврток, Сунак рече дека ќе се заложи за поблиски економски односи во истиот дух како и одбранбената и безбедносната соработка на земјите.
„Како што интероперабилноста меѓу нашите војски ни даде предност на бојното поле пред нашите противници, поголемата економска интероперабилност ќе ни даде клучна предност во децениите што следат“, рече Сунак.
Британските власти рекоа дека Сунак, исто така, сака да разговара за начините за заштита на глобалните синџири на снабдување, особено против поединечни земји кои можат да манипулираат со пазарите за одредени сектори.
Друга тема на агендата на Сунак е регулирањето на растечкото поле на вештачката интелигенција.
Пред средбата со Бајден, Сунак разговараше со конгресните водачи и учествуваше на положување венци на националните гробишта Арлингтон. Тој, исто така, се појави на бејзбол натпреварот на Вашингтон Нејшналс, каде што тимот го почитуваше Денот на пријателството САД-Велика Британија.
Дописничката на Белата куќа Анита Пауел придонесе за овој извештај. Некои информации за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес и Ројтерс