Линкови за пристапност

Азески: Условите од кредитот се добри но Владата мора итно да одговори на прашањата на бизнис секторот


Стопанската Комора смета дека условите на пакетот од 250 милиони евра кредит за стопанството се прифатливи. Во четврток во Комората ќе се одржи средба со премиерот Мицкоски за детали околу условите. Околу ребалансот на Буџетот, Азески смета дека останува истата линија а тоа е дека не е развоен


СКОПЈЕ – Континуитет во правната рамка и решение на прашања на бизнис секторот кои со години стојат пред Владата а кои се клучни за развој на стопанството како дополнување на 250 милиони евра кои се обезбедени од унгарскиот заем се начинот на кој стопанството ќе застане на нозе и ќе почне да се развива и да биде конкурентно во извозот, смета првиот човек на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

Стопанската Комора на барање на Владата учествувала во изготвување на дел од критериумите кои ќе треба да ги исполнуваат компаниите за да може да дојдат средства од 250 милиони евра обезбедени од т.н. „унгарски заем“ а бизнис секторот смета дека условите и висината на каматата се поволни.

„ Фирмите ќе посегнат по парите што се со помала камата, тоа е нормално, но така ќе креираме само моментно решение на ситуацијата. Мора се да оди во пакет, и да се обезбедат средства за поддршка на бизнисот, но и да се решат сите горливи прашања на кои постојано укажуваме. На тој начин ќе креираме квалитетен деловен амбиент во кој државата ќе има регулаторната функција, а бизнисот ќе води рамноправен натпревар на терен, без нејзино мешање“, изјави Азески.

Премиерот Мицкоски, во четврток, во Комората ќе има средба со стопанствениците каде ќе бидат испорачани и дел од барањата на бизнис заедницата.

„Нас не не интересира ништо друго, туку да дојдеме до свеж капитал, до разни алатки што ќе ги надополнат инвестициските активности. Ние ќе бараме средства кои под тие услови се за нас прифатливи, да го поддржат бизнисот. Второто прашање е да се најде начин со кој капиталните инвестиции нема да може без согласност на бизнис заедницата да се пренаменуваат во социјални трансфери на крајот на годината. Третото прашање е, ако се прави ревизија на договорот со „Бехтел и Енка“ да се вклучат што повеќе македонски компании во неговата реализација и последното прашање е, да ги елиминираме сите прашања што ги наметнуваше бизнис заедницата во изминативе 10 години, а не беа разрешени“, рече Азески.

Кога станува збор за ребалансот на Буџетот, првиот човек на Стопанската комора е дециден дека останува трендот уште од 1992 година а тоа е дека сите досегашни Буџети се неразвојни и разочарувачки за бизнис секторот.

Околу сомнежите на Владата како се поделиле 100 милиони евра во рамките на поддршка на стопанството за време на КОВИД пандемијата и формирањето на ад хок тело кое ќе испитува евентуален криминал бизнис секторот е дециден, нема толеранција на криминал и корупција но мора да има континитет во политиките.

„Во Северна Македонија има три диспаритети. Едниот е меѓу капиталот и трудот. Капиталот, односно сопствениците, мислат дека работниците не работат доволно, обратно, тие мислат дека не се доволно платени и тоа егзистира. Второто е, диспаритетот меѓу активното и издржуваното население за кое сите знаеме како се рефлектира, ја одржува сивата економија на високо ниво. Трето прашање е дека треба да продолжи континуитетот на правната проблематика и правните прашања за време на владеењето на една власт, а дали ќе се злоупотреби, тоа е друго прашање. И за тоа треба да постојат институции што тоа ќе го санкционираат. Ставот на Стопанската комора во однос на прашањето за криминалот, корупцијата и сивата економија, тој корпус прашања е толеранција нула“, нагласи Азески.

Во четврток од Владата ќе се бара да почне да решава прашања кои со години стојат отворени како парафискалните давачки, регулаторната гилотина, прашањата за холдинг и членови од законот за извршување но и недела неработен ден а се оечкува и средба меѓу бизнис секторот и Синдикатите.

XS
SM
MD
LG